Манчини загрижен, само двајца Италијанци меѓу најдобрите стрелци во Серија А


Италијанскиот фудбалски селектор Роберто Манчини, чија репрезентација идниот месец ги почнува евроквалификациите во група со Англија, Македонија, Украина и Малта, е загрижен поради податокот дека меѓу 20. најдобри стрелци сезонава во Серија А има само двајца Италијанци, пренесуваат локалните медиуми.

Единствените двајца домашни фудбалери во италијанското првенство меѓу најдобрите стрелци се фудбалерите на Лацио, Матија Закањи и Чиро Имобиле.

Закањи оваа сезона досега постигна осум, а Имобиле седум голови на листата која ја предводи нигерискиот напаѓач на Наполи, Виктор Осимен, со 16 голови.

„Во минатото понекогаш ни недостасуваа дефанзивци или играчи за врска … Се обидуваме да најдеме напаѓачи“, изјави Манчини.

Италијанските медиуми наведуваат дека Манчини би требало да му даде шанса на 26-годишниот Андреа Кампањи, кој веќе неколку години игра во Романија. Во моментов напаѓачот на Стеауа е втор стрелец во лигата со 14 голови, што го прави најпродуктивен Италијанец досега оваа сезона.

Уште еден Италијанец игра одлично сезонава надвор од Серија А. Винченцо Грифо во дресот на германски Фрајбург досега постигна девет голови.