Манчевски за денеска најави средби за прекинот на ТВ програмите од операторите


Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски најави дека во текот на денов ќе има средби со засегнатите страни во однос на исклучувањето на емитувањето на телевизиските канали што го направија синоќа операторите.

Според Манчевски, новите настани и информации му даваат оптимизам за надминување на проблемот.

-Во текот на денот ќе имаме комуникација на оваа тема со сите заинтересирани страни. Јас би почекал во текот на денот да видиме како ќе се одвива ситуцијата. Јас и вчера напишав на Фејсбук и издадовме соопштение од Министерството дека се работи за прекршување на членови од Законот за електронски комункации.  Без разлика денес ќе оствариме неколку средби со заинтересираните страни за да видиме што и да се случува да не биде на грбот на граѓаните како што тоа беше вчера,  изјави Манчевски при посетата на канцеларијата „Една точка за услуги“ во Тетово што денеска и официјално почнува со работа.

Манчевски потенцираше дека Агенцијата за електронски комуникации како регулаторно тело е надлежно за евентуални постапки кон операторите што вчера го исклучија емитувањето на телевизиските канали.