Манчевски: Преголем е ризикот за избори на есен, по вонредната состојба процесот да продолжи каде што застана

Фото: Б. Грданоски

Парламентарните избори треба да се одржат кон крајот на јуни, поточно на 21 јуни, а нивното пролонгирање за наесен би преставувал преголем ризик за државата, смета министерот  за информатичко општество и потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски.

– Нашиот став е јасен во врска со изборите. Ако гледаме од законски аспект, во моментот кога ќе заврши вонредната состојба треба да продолжат изборите онаму каде што запреа. Прашање е кога ќе заврши вонредната состојба и ние затоа сметаме дека имаме простор да донесеме одлука со консензус. И затоа мора да има уште обиди да го дефинираме датумот. Претседателот Пендаровски е тука во секое време да организира и лидерска средба ако треба. Факт е дека имаме различни ставови, но убеден сум во компромис затоа што преголем е ризикот, ако ги оставиме изборите на есен, навистина е голема опасноста да избие нов бран од вирусот. Ќе влеземе во фаза во која може ќе треба да се прават уставни преседани, изјави Манчевски во вечерашното гостување на телевизија 24 .

Вели дека ако постои согласност дека треба да има олабавување на мерките, тогаш е контрадикторно да се зборува дека нема услови за избори.

– Ако соседните држави ги отвораат граници, ако луѓето се вратат на работа, се отворат градинките, тогаш зошто да нема избори. Ако целата ситуација во државата ја враќаме во нормала, тогаш зошто да не можеме да направиме избори? ВМРО-ДПМНЕ бара намалување на мерките, а не сака избори. Да не се лажеме, наесен ќе имаме нови случаи. Сепак, се е поврзано со вонредната состојба, до кога таа ќе трае… Имаме примери во регионот каде што ќе има избори во текот на следниот месец, дополни Манчевски.