Манчевски од Њујорк: Бев „проблем на Македонија“, сега сум македонски кандидат за Оскар


Фото: Б. Грданоски

-Се што имам кажам е да ја цитирам изјавата на висок владин службеник, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија од прес конференцијата на 24 јуни 2020 во присуство на Претседателот на Управниот одбор, Касапинов: “Милчо Манчевски не е проблем на Агенцијата. Не е мој проблем. Милчо Манчевски е проблем на Македонија”, ни изјави од Њујорк Милчо Манчевски, по веста од  Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) дека неговиот филм  „Врба“е македонски кандидат за Оскар за странски филм за 2021 година.

Манчевски со претседателот Пендаровски на неговата изложба на фотографии во МСУ. во октомври, годинава/Фото: Б. Грданоски

Неговиот филм „Пред дождот“ во 1995 ѝ ја донесе на Македонија првата номинација за Оскар за најдобар странски филм, а македонски кандидати биле и неговите „Сенки“ и „Мајки“. Годинава, документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов беше првиот филм во историјата на Оскарите кој доби номинации и за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм.

93. Оскари, поради пандемијата на Ковид-19, ќе се доделат подоцна од вообичаениот термин во февруари, на 25 април 2021 во Лос Анџелес, а номинациите ќе бидат објавени на 15 март.

По светската премиера на „Врба“ во октомври 2019 на црвениот килим на Филмскиот фестивал во Рим, каде беше примен со петминутни овации, филмот ја имаше македонска премиера на 1 ноември 2019. Во месеците што следеа шестиот игран филм на Манчевски ја надмина бројката од 30.000 гледачи, што е рекорд во Македонија. Ова е најгледан филм во државата за 2019, надминувајќи ги и холивудските блокбастери во киносалите во Скопје и низ земјава.

„Врба“ досега има освоено вкупно 5 меѓународни награди, а изминатиов месец освои 3 – при шпанската и американската премиера ги освои престижната Сребрена палма во Валенција, Шпанија и наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД, а Манчевски беше награден за Најдобар режисер на Рејнденс во Лондон.

Сцена од „Врба“

Манчевски работи на новиот филм „Кајмак“ за кој од ДФРМ доби 500 илјади евра. Продуцент на „Кајмак“ е „Банана филм. (Л.С.)