Манчевски: Нема повеќе граѓани да чекаат, а да нема кој да ги услужи


 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска го промовираше новиот изглед и начин на работа на салата „Една точка за услуги“, во Скопје.

Како што истакна министерот Манчевски просторот е целосно модернизиран и следи најнови стандарди за тоа како функционира еден простор сервисно ориентиран кон граѓаните. Но, тоа што е значајно да се потенцира, не е само новиот изглед, многу повеќе станува збор за целосно нов принцип и култура на работа во јавната администрација.

„Шалтерите конечно се минато, вработените работат во пријатна атмосфера, а граѓаните веќе нема да бидат дел од долги шалтерски редови. Вработените во јавната администрација се сервис на граѓаните и првиот контакт што граѓаните го имаат со институциите. Затоа, работевме посветено прво на едно место да има повеќе институции кои нудат услуги, нешто што го завршивме пред повеќе од 1 година. А потоа се посветивме и на подобрување на концептот на давање на самите услуги“, информираше Манчевски.

Во „Една точка за услуги“ сместени се Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Обезбедивме непречен пристап и за лицата со пречки во движењето, има служба која ќе работи на одржување на редот, а електронски ќе се следи и работењето, со регулирано време за пауза и без можност да има граѓани кои чекаат, а да нема кој да ги услужи. Ова е само почеток на менување на начинот на којшто граѓаните добиваат услуги од институциите. Покрај оваа сала, во понеделник започнува со работа и Една точка за услуги во Тетово, а веќе се започнати и активностите за канцелариите во други градови“, рече министерот Манчевски.

Една точка за услуги ќе биде место каде брзо, ефикасно и најбитно достоинствено ќе ги добиваат сите потребни услуги.