Манчевски: Над 60.000 граѓани ја симнале СтопКорона, очекувам бројот да се зголеми


Досега имаме над 60.000 симнати апликации СтопКорона. Често повторувам дека бројката не е мала, но навистина очекувам да е поголема, особено сега во ова време кога се олабавени рестриктивните мерки но и кога имаме зголемен број на заразени и многу е важно да ги користиме сите можни алатки за идентификација на контактите, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на прес-конференција.

Одговарајќи на новинарско прашање за ефикасноста на апликацијата, Манчевски апелираше до граѓаните да ја симнат апликацијата, бидејќи таа не користи никакви лични податоци.

– Во текот на оваа недела ќе објавиме и независна ревизија од страна на независни експерти на апликацијата, со што уште еднаш ќе ги увериме граѓаните дека е апсолутно безбедна за користење и таа само може да им помогне на епидемиолозите во пронаоѓање на контактите доколку некој се потврди дека е позитивен во претходните 14 дена, рече Манчевски.