Манчевски му наброја неколку кривични дела на Мицкоски од „Боемска“


Фото: Б. Грданоски

Деновиве бевме сведоци на крајно неодговорно однесување од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но она што е уште пострашно е што во дел од неговите изјави тој апсолутно потсетува на едни поранешни времиња, кога власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше и судија, и полиција, изречител на казни и мерки. Имено не е така едноставно Христијан Мицкоски да каже направив грешка и сега ќе платам казна и тоа е тоа. Во она што се случуваше на улица “Боемска” има редица на кривични дела, вели Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ, во видео обраќање.

Тој потсетува дека како и многу пати досега, Мицкоски покажал дека не ги почитува мерките за заштита од Ковид-19.

– Правдањето дека не знаел дека не смее да седи во внатрешност на угостителски објект е навистина смешно, сите го знаат тоа и впрочем не требал ни да биде пуштен внатре во објектот. Вториот момент за кривично дело е дека спречуваа луѓе инспектори, официјални лица во извршување на својата службена должност. Овие луѓе 2 часа не беа пуштени да влезат во внатрешноста на угостителски објект само и единствено затоа што таму седел Христијан Мицкоски со неговото друштво, и ова е кривично дело додава Манчевски.