Манчевски: Дали треба вештачки да воведуваме вонредна состојба само за да го одржиме системот?


Фото: Б. Грданоски

Потпретседателот на СДСМ и министер за информатичко општество, Дамјан Манчевски, во денешната дебата во „Само вистина“ на Канал 5 порача дека „одговорно е да имаме избори во првиот возможен рок, во моментот кога здравствените власти тоа ќе го препорачаат“.

Дебатирајќи со функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, тој рече дека опозициската партија е контрадикторна, „бидејќи ако немаме функционално Собрание ќе влеземе во опасно сценарио, кога ќе мора вештачки да воведуваме вонредна состојба само за да го одржиме системот функционален. Тоа неодговорно“.

Тој смета дека е клучно да се почитува мислењето на здравствените власти од каде сметаат дека во јуни, поради досегашните рестрикции,  нѐ очекува период на стивнување на епидемијата од корона вирусот и затоа е неопходно изборите да ги организираме во тој период.

„Доколку во одредена ситуација нема потреба од вонредна состојба, а од друга страна немаме избори во првиот можен рок, како ќе функционира државата. Ние ќе треба вештачки да ја продолжуваме вонредната состојба за да имаме функционален систем, што не е добро. Влегуваме во опасно сценарио без парламентарна контрола. Ние сме одговорна власт, но ако ова трае предолго тоа не е добро за демократијата“, нагласи Манчевски и потсети дека и други земји како Франција, Србија и Хрватска брзаат да го искористат овој период за избори, во случај да има втор бран од вирусот.

Манчевски упати остра критика до Уставниот суд за одредени одлуки, меѓу кои нејасниот став околу свикувањето на Собранието, како и за одлуката да се поништи намалувањето на платите на избраните и именуваните функционери, којашто, како што оцени, е донесена само поради лични причини.