Манчевски: Ако некој од рамковните вработени одбие да биде распределен, договорот ќе се раскине


Доколку некој од административните вработени кои се уште не се распределени, одбијат да работат онаму каде што ќе бидат упатени, тогаш нивните договори ќе бидат прекинати, изјави денес на прес конференција министерот за информатичко општество и админстрација, Дамјан Манчевски.

Одговарајќи на новинарско прашање колку лица од таканаречените рамковни вработувања се уште седат дома и примаат плата, Манчевски упати на министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците со оглед што со формирањето, тоа министерство ги презема ингеренциите и за овој дел.

„Но, она што мора да го нагласам е што во новиот договор за коалициската влада, коалициските партнери кои ќе ја формираат владата и која се надевам ќе биде активна од понеделник, имаат договорен конкретен многу краток временски период од само неколку месеци во кој треба целосно да се затвори ова прашање, сите нераспределени да тргнат на работа, а доколку некој одбива тоа да го работи, нивните договори ќа бидат прекинати“, рече Манчевски.

Манчевски прес конференцијата ја одржа непосредно пред собраниската седница на која мандатарот Зоран Заев ќе ја изложи програмата на новата влада. Во новиот владин состав министерството за информатичко општество и администрација, според коалицискиот договор, го презема ДУИ, а за министер е предложен Јетон Шаќири. Манчевски е избран за пратеник во новиот собраниски состав.