Манчестер сити забрани влез на стадионот на двајца малолетници поради навреди за починатиот Чарлтон


 Англискиот фудбалски првак Манчестер сити им забрани на двајца малолетни навивачи да ги следат натпреварите на клубот поради навредливо скандирање по повод смртта на легендата на градскиот ривал Манчестер јунајтед, Боби Чарлтон.

Веста за смртта на Чарлтон беше објавена на полувремето на натпреварот меѓу Сити и Брајтон минатата сабота, а двајцата малолетници беа снимени како извикуваат навредливи зборови за легендарниот англиски фудбалер.

„Манчестер сити може да потврди дека се идентификувани двајцата малолетници во врска со гнасното скандирање кое можеше да се слушне на „Етихад“ за време на полувремето на натпреварот против Брајтон минатиот викенд. Тие лица се суспендирани од сите натпревари на домашен и гостински терен, а деталите се испратени до полицијата во Манчестер која го истражува случајот“, објави синоќа актуелниот европски и англиски шампион.

Сити по натпреварот со Брајтон им се извини на семејството на Чарлтон и на Манчестер јунајтед.