Манчестер Сити со многу среќа ја освои Лигата на шампионите, Интер може да жали


 

За да се постигне спортска големина, треба да има одреден момент. Олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул во саботата беше на Манчестер Сити, сцената каде што опсесијата конечно стана реалност и се испишуваше историја. Сити го победи Интер со многу повеќе среќа отколку знаење што го прикажуваше во целото натпреварување во Лигата на шампионите. Голот на Родри во 69. минута беше решавачкиот момент за победата од 1:0, во мечот кој играчите на Пеп Гвардиола, а и самиот тренер, го играа под огромниот притисок дека конечно мора да се искачат на европскиот трон.

Манчестер Сити ја имаше повеќе време топката во своите нозе, но не толку како во други мечеви, а Интер ги имаше шансите. Еден од ударите заврши во пречката, другите маестрално ги одбрани голманот Едерсон, како оној на Лукаку со глава во финишот на мечот.

Откако шеикот Мансур бин Зајед Ал Нахајан и Групацијата „Абу Даби јунајтед“ ја презедоа сопственоста на клубот во 2008 година, освојувањето на првенството во европскиот куп беше крајната цел.

Можеби милијарда долари се потрошени во последните 15 години, а контроверзии го опкружуваа клубот, но сега Лигата на шампионите, конечно, е нивна по победата над Интер, која долго ќе остане во сеќавање за значењето на резултатот, а не на самиот натпревар.

Интер се бранеше маестрално, а со контранападите заслужи да даде гол. И самиот гол на Родри, кој беше извонреден, падна откако топката се одби од еден од играчите на Интер по акцијата на Силва.

И самиот Родри го кажа тоа во првата изјава по мечот:

„Не беше лесно. Мислам, со каков тим се соочивме. Беше незамислив начинот на кој се бранеа, какви контранапади имаа. Тие заслужуваат сите честитки затоа што се одличен тим, но не сакам да заборавам на моите момци. Не бев добар во првото полувреме, играв катастрофално да бидам искрен. И тогаш само си реков дека мора да го надминам овој менталитет и го постигнав голот“.

И другите играчи на Манчестер Сити изјавуваа дека мечот бил многу тежок. Грилиш изјави дека вечерва „очајно играл“, Гундоган зборуваше дека натпреварот бил 50:50, но дека во успеале да се справат со притисокот.

Со оваа победа Манчестер сити освои три трофеи година – Премиер лигата, ФА купот и Лигата на шампионите. Тимот на Пеп Гвардиола доминира не само во британскиот, туку и во европскиот фудбал последниве години и во своите витрини го донесе пехарот што му недостасуваше за целосна слава.