Манасиевски пред заминувањето во Турција: Имаме најтешки услови за почнување бизнис во регионот


 

И политичар и дипломат – вака може да се опише новоименуваниот амбасадор на Македонија во Турција, Јован Манасиевски, кој денес ги презентираше своите приоритети во Комисијата за надворешна политика. Иако на јавноста ѝ е познат како поранешен министер за одбрана и министер за труд и социјала, како и долгогодишен лидер на ЛДП, во својата професионална биографија има магистратура и докторат на тема стратегиски партнерства, ЕУ, безбедност и надворешна политика. 

Опфаќајќи ги практично сите сфери во кои е можна подобра соработка со Турција, Манасиевски  изнесе повеќе интересни факти. Според него, во моментов во Македонија живеат 12.000 турски државјани (покрај преставниците на турското малцинство), главно бизнис ориентирани, но нивниот број би бил поголем ако нашите регулативи за престој на странци не се толку рестриктивни во однос на тие во другите држави во регионот.

Најмногу проблеми имаат турските студенти кај кои има голем интерес да учат кај нас, но многумина се деморализираат поради повеќемесечните чекања да добијат дозвола. За Манасиевски образованието е една од можностите да се развие соработката со Турција, покрај здравството, околу кое го посочи фактот дека речиси половина од болните што се упатуваат на лечење надвор од Македонија – се упатуваат во Турција, од која доаѓаат и инвестиции во овој сектор. Според него, таа тенденција треба дополнително да се поттикне за со инвестициите да се увезе и што повеќе турска експертиза и медицинска опрема во земјата. 

Турската економија, според Манасиевски, последните години забрзано се модернизира и се насочува кон обновливи извори, така што вреди да се вложат напори да се привлече уште повеќе турскиот капитал. Турција, оцени тој, по последните случувања околу Украина станува и клучен енергетски јазол  и во тој правец може да го насочиме нашето долгорочно снабдување со енергенси.

Манасиевски спомена исто така дека покрај САД имаме уште еден договор за стратешка соработка, со Турција (потпишан во времето на ВМРО-ДПМНЕ) и дека Анкара досега дала околу 30 милиони евра донации за нашата армија, дека таму е едуциран најголем број наши офицери и дека сѐ повеќе се профилира како произведувач на оружје (се прослави со дроновите, а сега произведува и беспилотни патролни чамци), сугерирајќи да се искористи тоа не само за купување поевтино опружје туку и за префрлање на дел од тоа производство кај нас.  Тој најави дека идното лето, по претседателските и парламентарни избори во таа земја, треба да се одржи меѓувладина седница на која можат да се отворат овие прашања, но нагласи дека во моментов Македонија има најтешки услови за започнување бизнис од земјите во регионот и дека треба да се ориентира според нив, ако сака да привлече уште повеќе турски инвестиции.

Халил Снопче од Алијансата за Албанците го отвори прашањето околу притисоците на Анкара да се затвори колеџот „Јахја Кемал“, поради обвинувањата дека зад него стои организацијата ФЕТО, што ја обвинува за обидот за државен удар. Според него, на сите олимпијади наназад студентите од овој колеџ покажуваат најдобри знаења така што сакаше да знае како ќе оддолееме како држава на овие барања на турската влада. Манасиевски одговори дека со усогласувањето на нашата надворешна политика со таа на ЕУ ќе има и други жешки прашања со Турција, како санкциите од Брисел за однесувањето во Медитеранот, нагласувајќи дека за нив ќе треба да разговараме со Анкара, а одлуките да ги носиме во согласност со нашите закони, меѓународното право и интересите на нашата земја. 

Тој на крајот спомена дека комуникацијата со нашата дијаспора во Турција е значајно олеснета со дигиталните алатки и посочи дека како резултат на тоа, по последните промени на регулативата од пред две години, имало наплив на барања за наше државјанство од Турција. (Н.В.)