Кочо Анѓушев веќе не е почесен конзул на Малта


Фото: Б. Грданоски

 

Откако поранешниот вицепремиер и истакнат бизнисмен, Кочо Анѓушев, беше ставен на црната листа на САД со забрана за влегување тој веќе не е почесен конзул на Малта.

Во своето соопштение до медиумите Анѓушев вели дека без оглед што не се согласува со наводите на Стејт депертментот „ги ценам и прифаќам како одлука и сметам дека не сум во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Сѐ додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на било која држава или институција“.

Тој додава: „Одлуката за ограничување на влез во САД е нешто што се однесува лично на мене и со тоа прашање треба да се носам јас лично, без за тоа да имаат негативни последици пријателски држави, личности, бизнис-соработници или институции.

Во текот на вчерашниот ден лично го информирав министерот за надворешни работи на Малта за новонастанатата состојба, како и за мојата определба да ги искористам сите пропишани можности во правец на издржано и осовано преиначување на оваа одлука на администрацијата на пријателските Соединети Американски Држави.

Министерот ме информира дека Малта одблиску ќе го следи развојот на настаните и дека во тој контекст ќе го земат предвид секој позитивен исход.

На министерот Борг му изразив благодарност за можноста и честа во еден период да служам во интересите на држава членка на ЕУ и на интересите на нашите две земји“.

Весникот „Тајмс оф Малта“ објави дека малтешкото министерство за надворешни работи му ја прекинало функцијата почесен конзул на Малта Кочо Анѓушев,

 „Тајмс оф Малта“ пишува и дека Анѓушев е основач и сопственик на „Фероинвест“, кој се опишува како „искрен пријател“ на Малта. Портпаролот на малтешкото МНР во изјава за „Тајмс од Малта“ истакнал дека министерството никогаш не добило никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување во 2021 година.