Малкумина на протестот за Вања и Панче


Од Протестот во Градскиот парк во Скопје (Фото: Глас на Америка)

 

Едвај десетина души се појавија денеска на протестот во Градскиот парк во Скопје најавен како граѓанско незадоволство и барање правда против извршителите на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Протестот се најавуваше на социјалните мрежи, а официјално немаше најавен организатор.

„Им благодарам на само 12 луѓе овде, кои се појавија на овој протест. Дванаесетмина не се доволни да го променат македонскиот правен систем, кој е целосно деструктивен“, рече Нермина Кочан, која беше меѓу малкутемина граѓани на протестниот собир.

Меѓу присутните имаше и членови од политичката партија Европско граѓанско движење. Рекоа дека не се организатори на настанот и дека на собирот дошле како граѓани.

Главниот осомничен за убиствата на ученичката Вања и на пензионерот Жежовски е Љупчо Палевски. Тој беше уапсен во Турција, а Јавното обвинителство по брза постапка испрати барање до турските власти за негова екстрадиција во земјава.

Кривична пријава за доби и Стефан Димковски, сопартиецот на Палевски, и тоа за помагање бидејќи со возило го однел главниот осомничен од Белград до Баликесир во Турција. Во притвор се веќе четворица осомничени, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, како и Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски.