Малку македонски се добавувачи на странски компании


Домашните компании не се доволно поврзани во синџирот на добавувачи на странските компании. За зголемување на соработката, Асоцијацијата на метална и електроиндустрија (МАМЕИ), во соработка со Владата, Германската комора, УСАИД и Холандската амбасада на едно место собра над 100 македонски и 34 странски компании купувачи и 15 компании кои инвестирале во Македонија. Договорени се 450 директни состаноци меѓу домашните и компаниите од Германија, Холандија, Белгија, Јапонија, Грција, Словенија, Србија, Албанија и Косово.

„Ваквите настани носат додадена вредност на мерките и политиките на Владата за поголем економски раст и поддршка на компаниите. Тие се важни и за продлабочување на регионалната соработка. Во регионот сите сме мали пазари и не може да бидеме конкурентни во европски и светски рамки. Затоа е клучно на поголемите пазари да се настапува партнерски, како регион, за да се оствари поголем успех, бидејќи станува збор за пазарен систем во кој конкуренцијата е главен економски двигател“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Промоцијата на потенцијалот на македонската лесна преработувачка индустрија е основната задача на МАМЕИ. Претседателката Марта Наумовска Грнарова, посочи дека како резултатот на минатогодишната конференција се потпишани 25 договори од околу половина милион евра.

„Ова е одлична бројка, зашто да бидете добавувач на странска компанија е долгорочен процес“, изјави претседателката на МАМЕИ, додавајќи дека очекува оваа конференција да им го олесниме излезот на светските пазари на поголем број компании.

Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава, се согласува дека ова е еден од начините да се поврзат компаниите од земјава и регионот со потенцијални странски компании купувачи.

„Оваа година интересот на компаниите од Германија за посета на настанот е поголем во споредба со минатата година, тоа е само уште еден показател за добрите стопански односи помеѓу двете земји“, посочи Мартенс.

Тој ги поздрави учениците на втората генерација од дуално стручно образование, што се спроведува во пет средни стручни училишта во земјата и 10 компании, каде што учениците изведуваат практична работа.