Малите букви во извештајот


НИКОЛА ПОПОВСКИ

Познато е непишаното старо правило дека кога земате банкарски кредит, или во поново време кога се преплатувате на услуги за мобилна телефонија, внимавајте на членовите и фуснотите од договорот што се напишани со мали букви. Тие можат да ја одредат суштината и перспективите за успешно враќање на кредитот или прифатливите цени на многуте услуги што се содржат во пакетите за мобилната телефонија.

Извештајот на Комисијата на ЕУ за Македонија 2019 година не содржи мали букви или важни забелешки што се во фусноти. Напротив, тој е прилично јасно и едноставно напишан како и досега. Ретко остава недоумица или можност за двојно или тројно толкување на неговите одредби. Европската бирократија и нејзините политички претпоставени раководители, мора да се признае, одамна изградија еден специфичен и убав речник и стил на писмена комуникација што, на пример, нас ни недостасува. Многу се прецизни, директни и јасни во комуникацијата, особено во тоа што сакаат да го соопштат на „трети страни“ во кои, за жал, сè уште спаѓаме и ние. Таа состојба со нас, без двоумење, ќе потрае уште многу долго и ќе премости минимум уште 3-4 полномандатни собраниски и владини состави на земјава.

Сепак, и во таквиот извештај за Македонија, внимателниот и со намера ориентиран читател секогаш може да ги најде местата на навидум суптилна и рутинска констатација на Комисијата која едновремено е многу силна и од темел го поместува нашето (се мисли на владиното) сопствено сознание за тоа кои сме, што сме и до каде сме стигнати на европскиот пат. Овој текст, без никаква посебна намера има за цел да ги предочи некои од тие делови и констатации од извештајот, особено оние со економска содржина, па можеби дури и да предупреди на нив. Просторот не дозволува преголема елаборација, но ќе се обидеме да бидеме концизни. За да нема недоразбирање, јасно е дека во коминикето COM (2019) 260 final од 29 мај 2019 година од Комисијата на ЕУ до Советот и Парламентот на ЕУ јасно се препорачува почеток на пристапните преговори на РС Македонија и тоа, иако е повторлива ситуација подолг период на време, е многу важен успех за земјава што постојано потфрла да направи вистински чекор напред.

Но да почнеме по ред. Можеби една од најважните и најболни констатации во извештајот е онаа во која се дава оценката за постоењето на функционална пазарна економија во земјава и се вели „Северна Македонија во последниве 12 месеци направи добар напредок и се наоѓа на добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија.“ Фактот дека и по 28 години откога се определивме да развиваме пазарна економија сè уште сме оценети дека сме во фаза на подготовка за развој на функционална пазарната економија е малку загрижувачки, па дури и разочарувачки. Три децении се сосема доволни, ако не и одвишни, за една поранешна самоуправна социјалистичка економија да може да се трансформира во функционална пазарна економија. Но ете сериозно потфрливме. Оптоварени со нашите непознавања, незнаења, неподготвености и неискрености ние всушност тапкаме во место. Секој што мисли дека времето беше кратко, греши. Зарем една Унгарија, Литванија, Естонија или Бугарија, па и Словенија можеа да го направат тоа заклучно со 2004/2006 година, а ние не можевме до 2019 година? Дури и ако ги земеме застоите заради нашите специфични отежнителни околности до 1996 и кобната 2001 година, сепак немаме многу оправдување. Од 2002 до денес поминаа долги 17 години а тоа е повеќе од што имаа горенаведените економии од 1991 до 2004 година. Списокот на работи што треба да се направат е долг и можеби не толку комфорен за сите. Особено не за оние делови од општеството и економијата и нивните протагонисти што во текот на овие три децении се научија, а подоцна и се навикнаа многу лесно и убаво да живеат на крилата на својата неоправдано повластена позиција на пазарот, во услови на потисната или целосна неконкурентност во нивните дејности, опстојување во услови на монополски и олигополски сектори, користење на своите стекнати пазарни позиции за влијание врз политичарите да им ја продолжат истата, редовно, на „чуден“ и на недоволно јасен начин да ги добиваат парите за јавните набавки за потоа да испорачуваат пренизок квалитет за превисоки цени, да работат „на црно“ и да не плаќаат или недоволно да плаќаат јавни давачки итн. Тие појави се рак-рана на пазарната економија што е нефункционална. Но ЕУ се одлучила да биде многу поблага во барањето на терапијата па предлага само четири поитни мерки и тоа врзани со поголемата контрола врз јавниот долг; подобрување на фискалното управување со воведување на формализирани фискални правила; намалување на неформалната (сива) економија и подобрување на позицијата на младите на целата територија на земјата. ‘

Една од малку чудните констатации во извештајот, од аспект на претходната забелешка е пофалниот контекст во кој се укажува дека „владата се стреми кон пазарно базирани економски политики со зголемен фокус на социјалната кохезија едновремено подобрувајќи ја државната помош.“ додавајќи дека „финансиската помош за деловните инвестиции и вработување се зголемени додека критериумите за тоа и корисниците на државната помош остануваат нејасни.“ Последново е нешто што и во домашната стручна и политичка јавност е прилично критикувано. Кажаното со „мали букви“ од страна на ЕУ е дека власта сè што негува свои привилегирани корисници на јавни пари и дека тоа е опасна практика од која ни оваа власт не се откажува. Нарушувањето на пазарот на кој едни плаќаат јавни давачки, најчесто даноци, за други економски субјекти тие пари да ги добиваат за нивните профитни активности е недозволена атака врз слободата на претприемништвото, и пазарот.

Во вака сложената структурна економска состојба властите додаваат бензин на огнот со тоа што ЕУ го карактеризира како состојба на „влошување на структурата на јавната потрошувачка“ во што веќе „шест години наназад владините трошења растечки се наклонуваат кон тековните трошења“ што значи се намалуваат инвестициските. Социјалните трансфери во минатата година достигнале половина од вкупната јавна потрошувачка. Тоа е нешто што не би го издржале и многу посилни економии, но ете нашата мора да го издржи и тоа. Цената е очигледна – нединамичен економски раст што едвај се изборува да ја надмине границата од 3 отсто годишно. Наместо владите да се обидат растот да го поместуваат нагоре, па макар и со свој пример на менаџментот во јавниот сектор, особено во јавните претпријатија што произведуваат различни стоки и услуги, тие се чини дека дополнително придонесуваат за тоа на најлош можен начин. Извештајот на ЕУ само нѐ потсети дека, на пример, во производството на домашна енергија се однесуваме многу неодговорно и зачудувачки лошо. Ако во 2006 година сме произвеле тврди горива (јаглен) во износ од 1.296 илјади тони еквивалент на енергија, во 2017 година тоа производство сме го свеле на само 853 илјади тони, а производството на домашна електрична енергија од 7 милијарди кв/ч во 2006 на само 5,6 милијарди кв/ч во 2017 година, тогаш навистина треба да се прашаме како нашите власти (влади) се однесуваат како производители на јавни добра? Домаќински, ефикасно и одговорно или обратно и како тие придонесуваат во нашата вкупна економска состојба?

Конечно, уште и ова: оданочувањето со ДДВ сè уште содржи исклучоци што не се предвидуваат со ЕУ-законодавството, нешто што кај нас лесно се воведе, а од што сега тешко ќе се извлечеме и потреба од вклучување на билансите на јавните претпријатија во фискалните извештаи на општата влада, нешто што драматично ќе ни ги смени перцепциите за релативно добрата фискална позиција што ја има нашата земја.