„Малиот битолски Монмартр“ и децата станаа нов проблем во односите меѓу Скопје и Софија

Министерот Оливер Спасовски вчера за „Независен“ изјави дека МВР поднело известување до обвинителството. Денес за него се зборува како за пријава


од средбата на Румен Радев со бугарски и македонски деца

 

Многу непроверени, па дури и лажни вести и во Македонија и во Бугарија.

Случајот со „Малиот битолски Монмартр“ и децата, кои неговото раководство ги носеше на средби со бугарски политичари во Софија, а кој го отвори „Независен“, се претвора во нов политички проблем меѓу двете земји. Наместо работата да биде насочена кон тоа што е клучно – дали децата се злоупотребени во политички цели?

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечера при посетата на Битола изјави дека за случајот бил запознаен од пишувањето на „Независен“ и дека полицијата го известила Основното јавно обвинителство.

„Секако дека сум запознаен со случајот и кога ќе добиеме каква било информација постапуваме. Во моментот процесното дејствие коешто стоеше на располагање на Секторот за внатрешни работи – Битола е да се поднесе известување до Јавното обвинителство во однос на овој случај. Очекуваме да видиме дали ОЈО ќе даде одредени наредби за прибирање на соодветна документација“,  рече Спасовски одговарајќи на прашање на „Независен“.

Значи, ниту има пријава на МВР против раководството на „Мал битолски Монмартр“, како што известија некои македонски медиуми – туку дека со самото известување до јавното обвинителство во Битола значи оти е отворен предмет – ниту пак предистражна постапка, како што возбудено ја оквалификува изјавата на Спасовски поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.

Спасовски вчера уште за нашиот медиум изјави дека досега за овој случај нема поднесено кривична пријава ни од родители на деца, членови на студиото, кои патувале во Бугарија и биле сликани на средбите со бугарски политичари. Ниту од „Меѓаши“, ниту од која било друга организација. Јавното обвинителство го разгледува само испратеното известување на МВР.

Инаку, Спасовски за време на вчерашниот престој во Битола се сретна со раководството на  „Мал битолски Монмартр“, претседателот на УО Славчо Неделковски и директорката Елена Хаџи-Антоновска. И за тоа објави фотографија на неговата Фејсбук страница.

Захариева, превртувајќи ги информациите, ја нападна Македонија во стилот кој го правеше во времето кога беше министерка за надворешни работи. „Владата на Северна Македонија достигна ново ниско ниво: министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ѝ нареди на полицијата да започне предистражна постапка против наставник затоа што носеше деца да сликаат во Бугарија – пред Народниот театар и во Пловдив, а потоа ги посетија бугарскиот парламент и претседателството“, напиша на Фејсбук Екатерина Захариева, која во моментов е пратеник на ГЕРБ.

„Не знам дали моите колеги разбираат како изгледа ова – како преземаат очајнички чекори за да влезат во некој многу познат светски клуб. Не, не се работи за Европската унија. Туку за сѐ помалиот клуб на тоталитарни режими“, вели таа, па уште споменува дека за такво дело наставникот можел да биде гонет само во Русија, Белосрусија и Северна Кореја.

„Битолски Монмартр“ ги злоупотребил децата за политички цели, тврди „Меѓаши“

„Незавесен“ детално ја обработуваше оваа тема и особено тоа дали децата биле злоупотребени во политички цели без тоа да им биде кажано ниту ним ниту на нивните родители. Првата детска амбасада „Меѓаши“ за нашиот медиум изјави дека раководството на „Битолски Монмартр“ ги злоупотребило децата, свои членови, за политички цели, носејќи ги во Бугарија на средби со претседателот Румен Радев и претходно со Симеон Втори, поранешен премиер и син на царот Борис Трети, како „декор за нечиј (политички) маркетинг“.

Од „Меѓаши“ се категорични дека  децата, членови на „Битолски Монмартр“, се искористени „како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи“, по што Првата детска амбасада во светот  го повика Основното јавно обвинителство да постапува поради прекршување на законите.

На почетокот на јули 15 деца од Битола кои членуваат во ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ од Битола беа во Софија, Бугарија на покана на (новиот финансиер на „Битолски Монмартр“) Фондацијата „Бугарска меморија“ на бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски како дел од второто издание на „Мал Монмартр во Софија“. Тогаш тие беа примени во канцеларијата на претседателот Румен Радев. Едно од нив имаше девет години.

Родители од Битола во разговор за „Независен“ изјавија дека не потпишале никаква изјава за нивните деца да се сликаат со политичари во Бугарија, туку само документ заверен на нотар дека може да патуваат во соседната земја. По збиднувањата што се случуваат на релација „Битолски Монмартр“ – Бугарија во последниот период неколку деца, кои години наназад биле дел од активностите на студиото, се повлекле од него. (Н.В.)

Како „Мал битолски Монмартр“ ја пречекори ликовната граница и премина во политиката