Малиќи: Град Скопје посветено работи на формирање Комисија за односи меѓу заедниците


Град Скопје има законска обврска за формирање Комисија за односи меѓу заедниците, но претходната градска администрација не успеа да ја формира. Во Статутот на Град Скопје е предвиден бројот на членови, како и начинот за нивен избор. Градската администрација интензивно работи на подготовки за формирање на Комисијата и  ќе се заложиме да ги надминеме сите можни потешкотии со цел непречено функционирање на работата на оваа Комисија.

Ова денеска го истакна заменик-градоначалникот на Град Скопје, Енвер Малиќи, кој се обрати на јавната расправа на тема „Спроведување на Законот за локална самоуправа во однос на работата на комисиите за односи меѓу заедниците на локално ниво“, што се одржа во Собранието на Република Северна Македонија, во организација на Комисијата за локална самоуправа.

Малиќи, како што соопшти Град Скопје, истакнал дека прашањето за потребата за формирање на Комисија за односи меѓу заедниците во единиците на локална самоуправа е отворено со сериозна намера да се имплементира во пракса и покрај фактот што од 2002 година е предвидено со Законот за локална самоуправа. Со оваа комисија, како што се наведува, се обезбедува можноста на сите етнички заедници што живеат на територијата на соодветната општина да учествуваат во процесот на донесувањето одлуки и креирањето политики.

– Двојно повеќе проекти, предводени од здруженија кои припаѓаат на етничките заедници кои не се мнозинство на територијата на Град Скопје се поддржани на јавните повици од областа на културата, образованието и социјалната заштита. Изработена е Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието каде фокусот е ставен на создавање „едно“ училиште за сите ученици независно од нивната етничка припадност. Наша цел е да се водиме по принципот на инклузија и демократско учество на сите етнички групи на територија на Град Скопје, истакнал Малиќи.

Тој нагласил дека од исклучително значење за подобрување на социјалната кохезија и на културниот, општествениот и економскиот живот е учеството на сите граѓани на Скопје, независно од етничките групи на кои припаѓаат.