Мали сипаници регистрирани и во Белград, заразено и четири месечно бебе

Бројот на заболени од мали сипаници во Србија е зголемен на 36, а за прв пат од избувнувањето на епидемијата во јануари годинава, заболени се регистрирани и во Белград, соопшти Заводот за јавно здравје Батут


Два случаи на морбили се регистрирани на територијата на главниот град на Србија, Белград. Првиот бил потврден во петокот кај четиримесечно бебе, а ден подоцна и кај 21-годишно лице било потврдено дека ја има болеста, соопшти Заводот за јавно здравје Батут.

Претходно, два случаи на морбили беа регистрирани и на територијата на Нови Сад, кај невакцинирано деветгодишно дете и 40-годишно лице преку контакт.

Најголем дел од заболените се на територијата на Смедерево, каде се регистрирани вкупно 32 случаи на морбили, од кои 31 се потврдени во Референтната лабораторија на Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“, додека едно болно лице е семеен контакт со лабораториски потврден случај, пренесува Блиц.

Во текот на 2020 и 2021 година, во Србија се регистрирани најниски вредности на покриеност со МРП вакцина во последните дваесет години.

Покриеноста со оваа вакцина во втората година од животот во 2020 година изнесува 78,1 отсто, а во 2021 година само 74,8 отсто. Покриеноста со втората доза, пред уписот во прво одделение во основно училиште, во 2021 година изнесува 85,8 отсто. Собирањето податоци за покриеноста со МРП вакцина во 2022 година е во тек. Целните вредности на покриеност за сите вакцини се 95 проценти.

Во последната епидемија на сипаници во Србија, во текот на 2017 и 2018 година, се регистрирани околу 5.800 заболени, од кои 93 отсто се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или со непознат статус на вакцинација. Една третина од пациентите се хоспитализирани поради сериозноста на клиничката слика проследена со компликации. Во оваа епидемија се регистрирани 15 смртни случаи, меѓу кои четири деца на возраст до пет години.