Мали и средни компании од Пелагонија гледаат иднина во соларна енергија

БИТОЛА – Компаниите од Пелагонискиот регион имаат можност да се пренасочат кон обновливите извори на енергија и да го намалат нивниот јаглероден отпечаток, со помош на кредитна линија на Европската инвестициска банка (ЕИБ). Пред дваесетина локални мали и средни претпријатија, изминатите денови се одржаа две презентации за зелени иницијативи, проектирани да го трансформираат начинот на кој компаниите генерираат и трошат енергија, односно подобрувања на енергетската ефикасност и проекти за обновлива енергија за микро, мали и средни компании. Кредитната линија на ЕИБ изнесува 100 милиони евра.
Можности за кредитирање имаат различни индустрии: од производство на храна, земјоделство, градежништво и архитектура до хотели и ресторани. Сопствениците ги слушнаа придобивките и искуствата од имплементирање на современи соларни, фотонапонски и батериски технологии на македонскиот пазар.
Организатор беше Стопанската комора во нејзините локални центри во Битола и Прилеп.
Професорот Драган Дамјановски, претседател на Управниот одбор на Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Регионален центар Битола, смета дека ваквата можност ја засилува посветеност на компаниите за намалување на јаглеродот во животната средина.
„Со нетрпение очекуваме да ги искористиме овие можности меѓу нашите мали и средни претпријатија за да поттикнеме одржлив раст“, смета Дамјановски.
Искористувањето на кредитната линија се очекува да овозможи раст на малите бизниси кои ќе бидат отпорни на климатските промени.
Клаудија Лутовска, косопственик на малата соларна централа „КБМ Енергија“, смета дека размената на знаења и искуства во секторот за обновливи извори на енергија е важно особено што малите и средните претпријатија играат клучна улога во зелената транзиција.
„Како сопственик на мала соларна централа, бев инспирирана од дискусиите за одржливо финансирање, регулаторна поддршка и иновативни соларни технологии. Настанот го засили моето уверување дека малите и средните претпријатија играат клучна улога во зелената транзиција и со соодветни стимулации и поддршка, и само така можеме значително да придонесеме за енергетската независност на Македонија“, вели Лутовска.
Катерина Бурник сопственик на „Бурник мебел“ од Битола смета дека од полза се обуките за зелените иницијативи кои го менуваат начинот на кој компаниите произведуваат и трошат енергија.
„Одржливите можности за финансирање и иновативните соларни и фотонапонски технологии ни дадоа доверба да ги истражуваме решенијата за обновливи извори на енергија и за подобрување на нашата ефикасност и долгорочна заштеда“, смета Бурник.
Иницијативата е поддржана и од Советот за женско претприемништво при Општина Битола.
„На нашите жени претприемачи им требаат повеќе вакви настани и информации за одржливо финансирање, како и консултации за трансформација кон решенија за зелена енергија“, рече Павлина Василевска, член на Советот.
Компаниите од Пелагонискиот регион веќе се во тек со процесот на аплицирање за кредитната линија, која е имплементирана во соработка со Развојна банка на Македонија и локалните комерцијални банки. (А.Б.)