Малезија се откажа од враќање во Формула 1 поради високите трошоци


Малезија денеска објави дека нема повторно да организира трка од Формула 1 во блиска иднина, поради високите трошоци и веќе преполниот календар на натпреварувањето.

За да добие организација на нова Ф1 трка, Малезија ќе мора да потпише договор од три до пет години со компанијата „Либерти Медиа“, која ги поседува комерцијалните права на Ф1, што би изнесувало околу 304 милиони евра, изјави министерката за спорт Хана Џо пред парламентот.

Дополнително, потребни се околу два милиони евра годишно за одржување на патеката според меѓународните стандарди.

Малезија прв пат беше домаќин на Ф1 во 1999 година на патеката Сепанг, а последната трка се одржа во 2017 година

Сепак, Малезија не ја затвора целосно вратата за враќање на Ф1 и, како што најави министерката, доколку приватните компании го преземат финансискиот товар, земјата би била подготвена да размисли за повторно вклучување во Ф1.