Малдини побара да му се даде време на Џампаоло


Спортскиот директор на Милан, Паоло Малдини изјави дека клубот има доверба во тренерот Марко Џампаоло.

– Уште еднаш ќе повторам дека тренерот беше наш заеднички избор и ние секогаш ќе го браниме. Само дајте му време. Знаеме дека имаме млад тим и со какви проблеми се соочивме. Мислевме дека ќе започнеме подобро. Во овој момент, може да изгледа дека нема излез, но треба да работиме и да ја подобриме играта. Фудбалерите мора да бидат самокритични. Знаеме дека понекогаш ситуациите може да се променат веднаш, изјави Малдини.

Инаку, Тренерот на Милан, Марко Џампаоло ја презеде одговорноста за синоќашниот пораз (1:3) од Фиорентина, но упати и критики до своите избраници.

– Навивачите се навикнати на нешто сосема различно и имаат право да негодуваат. Секако, јас ја преземам одговорноста, но треба да одиме напред затоа што верувам во моите идеи. Она што ме изнервира е дека тимот изгледаше како играчите да не тренирале заедно. Може да изгубите, но не така. Пред само три дена, тимот покажа карактер, видов сегменти што ми се допаднаа. Денес играта се сведуваше на индивидуално ниво. Немаше организација – изјави Џампаоло.

Милан по шест кола во Серија А веќе има четири порази и со шест од можни 18 бода се наоѓа на 16. место.

Во италијанските медиуми наголемо се шпекулира за смена на тренерската позиција во поранешниот италијански и европски фудбалски шампион.