Мала излезност на локалните избори во Франција


Градоначалничката на Париз, Ани Идалго, на гласачкото место (Фото: ЕПА)

Француските политичари ги повикаа гласачите да излезат да гласаат во првиот круг на локалните избори, неколку часа откако државата ги затвори сите несуштински продавници и услуги.

Гласачките места се отворија во неделата како што беше планирано и покрај повиците вториот круг да се одложи поради ширењето на корона вирусот.

Во саботата навечер, премиерот Едуар Филип, објави дека земјата се префрла во фазата 3 во нејзиниот одговор на итни случаи на корона вирус и нареди делумна блокада, вклучително и затворање на кафулиња, барови, ресторани и кина.

Продавниците за храна, киосците за цигари, аптеките и јавниот превоз ќе останат отворени, рече Филип, но министрите за транспорт предупредуваат дека услугите ќе бидат сведени на минимум оваа недела за да се обидат да го задржат ширењето на вирусот.

Француските училишта и универзитети се затворени на неодредено време и на луѓето им се советува да работат од дома каде е можно и да избегнуваат непотребни патувања.

Одлуката за затворање на несуштинските јавни места дојде откако Франција објави 4.499 потврдени случаи, меѓу кои и 91 мртви, според националната здравствена агенција.

На избирачките места, гласачите им е советувано да одржуваат „социјална оддалеченост“ од еден метар, да носат свои пенкала и да ги дезинфицираат рацете пред да го обележат гласачкото ливче. Приоритет им беше даден на постарите и „ранливите“ гласачи.

На пладне излезноста беше 18,38 отсто, за пет процентни поени пониска отколку во истиот момент за време на последните локални избори во 2014 година.

Премиерот Филип гласаше од Авр, каде се кандидира за градоначалник. Во Париз, поранешниот претседател Никола Саркози и досегашната градоначалничка Ани Идалго беа меѓу првите што гласаа. Претседателот Емануел Макрон се очекува да гласа во неговиот роден град Ле Туке во времето кога е ручек.

Една од најнеизвесните трки е во Париз, каде анкетите за јавното мислење покажаа дека социјалистката Идалго има најголема поддршка, веднаш зад неа е кандидатката на класичната десница, Рашида Дати, а по нив Агнес Бужин, кандидат на партијата на Макрон.

Право на глас имаат околу 47,7 милиони луѓе, вклучително и 330.000 граѓани од други земји на ЕУ кои живеат во Франција. Гласачките места се затвораат во 20 часот по француско време. Вториот круг од изборите треба да се одржи следната недела. (Според агенциите)