Мала излезност и доминација на кандидатите од Нова демократија на локалните избори во Грција


Мала излезност, пресврт во Солун и целосна доминација на Нова демократија во цела Грција, се главните карактеристики што го одбележаа вториот круг од локалните избори.

На официјалниот сајт на грчкото МВР по првичните официјални резултати од денешниот втор круг од локалните избори, мапата на Грција со 13те периферии е обоена сина- бојата на Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

Со преброени 59.16% од гласовите, во 11 од 13 периферии победници се кандидатите од Нова демократија. Меѓу седумте периферии кои денеска добија префект е и Атика, поширокиот регион на Атина, каде што Јоргос Патулис од Нова демократија доби 69.95%, а кандидатката од СИРИЗА, Рена Дуру која се кандидираше по втор пат, за втор мандат, 34.05%.

Единствено, неизвесен е победникот во регионот Источна Македонија и Тракија, каде што разликата меѓу двајцата кандидати е околу 2%.

Во општините, по преброени 36.66 % од гласовите, во Атина, убедливо води Костас Бакојанис од Нова демократија со 65.24% наспроти Насос Илиопулос од СИРИЗА кој има 34.76%

Во општина Солун, иако Константинос Зервас во првиот круг се бореше за второто место и влез во вториот круг, сега донесе пресврт и го победи против кандидатот од Нова демократија, Никос Тахаиос, со разлика од над 33%.

Во вториот круг од локалните избори е регистрирана и ниска излезност. Заклучно со 20.40 часот по локално време, излезноста за избор на градоначалници е 42.57% а за избор на префекти 40.64% наспроти 59.02%, односно 58.43% во првиот круг.