„Мал шенген“ се враќа на „голема врата“ во Охрид


На 9 ноември во Охрид ќе продолжат трилатералните средби меѓу властите на Македонија, Албанија и Србија за олеснување на протокот на стоки, услуги, капитал и луѓе. Датумот за одржување на втората средба, во рамки на иницијативата за воспоставување т.н. „мал шенген“, го објави вчера српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој соопшти дека телефонски разговарал со премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама за претстојната средба во Охрид, со која се продолжуваат разговорите за воспоставување на т.н.„мал шенген“.

Вучиќ на својот инстаграм-профил објавил фотографија на работната маса, со порака „одличен конференциски разговор со Рама и Заев пред важниот самит во Охрид на 9 ноември“

На 10 октомври, Вучиќ им беше домаќин на Рама и на Заев во Нови Сад, каде што беше донесена декларација која предвидува разговорите за отстранување на пречките за слободен проток на стоки, услуги, капитал и луѓе да продолжат во Охрид, каде се очекува да бидат претставени конкретни мерки.

Веста за телефонскиот разговор на Вучиќ со премиерите на Македонија и на Албанија уследи веднаш по средбата што тој ја имаше во Белград со специјалниот пратеник на државниот секретар на САД, Метју Палмер, кој претходно неколку дена престојуваше во Скопје.

На заедничката прес-конференција со Палмер, Вучиќ изјави дека Србија се залага за соработка со земјите на Западен Балкан, што се гледа и преку продолжување на состаноците со Северна Македонија и Албанија оваа недела во Охрид, а потоа и со другите земји од регионот. Српскиот претседател им се заблагодари на САД за поддршката на оваа идеја.

– Отворено можам да кажам дека САД ја подржаа оваа идеја, која се базира на четирите основни слободи на движење на стоки, луѓе, услуги и капитал и ние очекуваме и дополнителна поддршка од Палмер и од САД воопшто – изјави Вучиќ.

Американскиот дипломат, на прес-конференцијата, изјави дека главна тема на состанокот со српскиот претседател била политичката ситуација во регионот и косовското прашање, поврзувајќи го ова со како што кажа, „ставот на САД дека сакаат Западен Балкан да има европска перспектива“.

Палмер го повтори ставот дека ЕУ направи историска грешка и испрати лоша порака за целиот регион со неотворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

– САД сакаат Западен Балкан да има европска перспектива и ние ќе направиме сè што можеме да ја убедиме ЕУ да го промени ставот пред состанокот на европските лидери во Загреб во мај – изјави Палмер во Белград.

Првично, иницијативата за „мал шенген“ наиде на резервираност кај стопанствениците во земјава, за разлика од расположението во бизнис-круговите во Србија, за која се проценува дека би имала најголем бенефит како доминантна економија во регионот.

Пред првата средба Заев – Вучиќ – Рама во Нови Сад, која се одржа непосредно пред самитот на ЕУ во Брисел, претседателката на Сојузот на стопански комори Даниела Арсовска изјави дека предност треба да им се даде на реформите што се клучни за добивање датум за преговори, а не на гетоизирање со соседите, што не би ни донело никаков напредок. (П.Р.)