Максим Димитриевски бара извинување за шовинистичките изјави на Каракачанов


Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски од СДСМ преку Фејсбук бара бугарскиот премиер Бојко Борисов да се огради од изјавата на вицепремиерот Красимир Каракачанов, кој по интервјуто на премиерот Зоран Заев рече дека „според стара бугарска изрека, на Бугаринот умот му доаѓа идниот ден, така и на колегата Заев“. Во спротивно Димитриевски бара да прекинат разговорите со Бугарија.

– Срамни и понижувачки се ваквите шовинистички изјави на Каракачанов. Доколку премиерот на Република Бугарија Борисов не се огради од ваквите навредливи изјави на неговиот вицепремиер Каракачанов потребно е да се стопираат разговорите и преговорите во врска со едностраниот спор. Да се изгради сеопшт национален консензус во Македонија по прашањето и да се продолжи понатаму со разумни луѓе од другата страна кои што нема да провоцираат и собираат евтини политички поени туку ќе бараат решение – смета Димитриевски.

Тој додава дека ваквата изјава е навреда не само за премиерот туку и за целиот македонски народ и сите граѓани.

– Очекувам дека и колевката на демократијата и човековите права и слободи, Европската Унија,официјално ќе ги осуди ваквите навредливи изјави од страна на бугарските официјални лица. Министерството за надворешни работи веднаш треба да го повика бугарскиот амбасадор и да му врачи остра протесна нота – вели Димитриевски.

Каракачанов го нарече Бугарин македонскиот премиер  оценувајќи дека му доаѓа паметот и ги повтори  ставовите дека станува збор за бугарска, а не за македонска историја.