Максим Димитриевски повреден од непринципиелноста на Брисел
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, од Франција изјави дека Европската унија примила во членство држави од југоисточна Европа кои не биле развиени на нивото како некои од земјите од Западен Балкан, а сега си земале за працво да ги блокираат останатите.
Димитриевски учествува на конференцијата во Дижон Франција-Балкан помеѓу пратеници и претставници на локалните власти од голем број на општини во Франција и од земјите од Западниот Балкан. Во своето обраќање Димитриевски рече: „Длабоко сум повреден и јас и моите граѓани, сите во регионот поради големите непринципиелности не само взаемни на Балканот, но првенствено непринципиелностите кои доаѓаат од Брисел. Зошто? Затоа што беа примени земји членки токму од тој регион на Европа, од југоисточната Европа кадешто имаше земји членки кои не беа развиени на ниво на некои од нас, но сепак се денеска полноправни членки и си наоѓаат за право да ги блокираат останатите. Каков пример испраќа Европа на тој начин кога толерира едно такво однесување и притоа наоѓа одредени политички предлози за соодветни решенија којшто беше последниот француски предлог, кој на сила и притисок беше истуркан да помине во нашиот парламент, се со единствена цел да се задоволи потребата за полноправно членство во Европска Унија коешто всушност ние де факто, реално го чувствуваме, но искрено го немаме на маса“.
Димитриевски на присутните им кажа дека „сите големи и важни битки
во Европа се случиле на нашите простори кадешто ние сме се родиле и кадешто сакаме да се раѓаат нашите внуци и правнуци, а не секојдневно да мигрираат во Европа“.