Максим Димитриевски: Некој сака да го наруши соживотот во Куманово


Кумановското обвинителство и полицијата преземаат мерки за расчистување на случајот од Куманово, во кој група лица бркаат две лица во градот, соопштија денеска од ЈОРСМ. Во соопштението се наведува дека речиси сите лица од видео-снимката се идентификувани и се преземаат дејствија за утврдување на причините и мотивите за инцидентот, се врши распит.
 
– Основното јавно обвинителство Куманово и СВР Куманово интензивно постапуваат за расчистување на настанот регистриран на видеоснимки објавени на социјалните мрежи, во кои, според првичните информации кои се проверуваат, две лица биле предмет на напад од поголема група. Речиси сите лица од објавената видеоснимка се веќе идентификувани и се преземаат дејствија за утврдување на причините и мотивите за инцидентот. Се врши распит и на учесниците и на други лица кои би можеле да имаат одредени сознанија, се наведува во соопштението.
 
По целосното утврдување на фактите, Основното јавно обвинителство Куманово ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката за што јавноста веднаш ќе биде информирана.

Во меѓувреме, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски побара одговор од надлежните во МВР по синоќешниот инцидент.

„Кој се обидува да го наруши соживотот во Куманово и дали оваа е само изолиран инцидент? Дали концертите кои пред пет дена го наполнија плоштадот со млади Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Власи, Бошњаци, Црногорци и други можеби вознемирија поедини политички субјекти и самопрогласени авторитети, па навлегуваат во веќе видени сценарија? Чекам одговор од Спасовски, Ковачевски и Ахмети?“, напиша Димитриевски.