Максим Димитриевски ќе почне правна битка со Филипче


Начинот и условите во кои се земале брисовите на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и на останатите членови на Кризниот штаб, неправењето на епидемиолошки анкети, како и транспортот од страна на Итната медицинска помош до приватни лаборатории во Скопје, се дел од неправилностите кои се утврдени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат 

 

Ќе ги преземам сите правни дејства кои ми стојат на располагање против извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат бидејќи станува збор за класичен монтиран случај, реагира градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски откако денес на прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче и директорката на државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирена Сотирова-Бухова ги презентираа наодите од контролата извршена во Куманово. Контролата е направена  откако Димитриевски објави дека е позитивен на вирусот, само еден ден откако во посета на кумановскиот кризен штаб беа премиерот, неколку министри и претседателот на комисијата за заразни болести.

Според  Димитриевски јасно е дека надлежните институции направија многу пропусти, прекршија низа закони, пред сѐ, со објавување лични податоци, во овој случај.

„Тоа што беше објавено денеска не е точно и за сѐ имаме соодветна документација. Надлежните немаат потреба да бркаат вештерки во системот што самите не го поставиле како што треба да биде. Ова е, повеќе од јасно, класичен монтиран случај за кој ќе ги преземам сите законски дејства. Ќе ги почитувам одлуките на институциите“, потенцира Димитриевски.

Инаку, Димитриевски ќе треба да плати казна меѓу 300 и 600 евра затоа што го напуштил домот, иако добил препорака за домашно лекување од коронавирус, соопшти денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова Бухова. Истото се однесува и на директорот на Регионалниот центар за управување со кризи, Горан Стојановски.

Тој порачува дека не станува збор за политичка пресметка, туку за различни ставови на Општинскиот кризен штаб и Кризниот штаб со кој раководи министерот за здравство Венко Филипче.

Начинот и условите во кои се земале брисовите на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и на останатите членови на Кризниот штаб, неправењето на епидемиолошки анкети, како и транспортот од страна на Итната медицинска помош до приватни лаборатории во Скопје, се дел од неправилностите кои се утврдени за време на двата вонредни инспекциски надзори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

„Епидемиолог од Центарот за јавно здравје,  по нејзин налог, нејзини согледувања, спровела скрининг од причини кои таа ги наведува во изјавата. Ова е прекршок, директно по член 27 од Закон за заштита на населението од заразни болести, што значи дека е констатиран еден прекршок досега. Второто што е констатирано, е дека брисевите се земени во просториите на Општина Куманово, што е сосема спротивно од протоколите. Брисеви на лица сомнителни со индикација, епидемиолошка анкета или со појава на симптоми исклучиво се земаат во простории на овластениот Центар за јавно здравје. Значи овде имаме констатирано веќе два прекршока. Брисевите се земени како скрининг, без епидемиолошка анкета, како што наведов, спротивни на член 27 од Закон за заштита на населението од заразни болести кој вика дека скрининг не може да се изведе без дозвола на министер. Вториот прекршок, кој е нотиран, е заради земање брисеви во неадекватен пункт. Секој пункт каде што се земаат брисеви мора да добие согласност од Министерство за здравство за исполнување услови по основ на простор, опрема и кадар. Заради овие два прекршока веќе во тек е постапка за  вонреден стручен надзор која ќе проследи понатаму Одлука за извршениот вонреден стручен надзор. Тоа е по однос на надзорот на 17.4.“, рече директорката денес Бухова.

Според неа, Димитриевски, заедно со уште едно лице за кое не стои име, прекршил уште една процедура: бил пренесуван во болница со амбулантно возило иако како позитивен со корона вирус требало да биде во самоизолација.

„Со надзорот во матичните амбуланти, констатирано е дека истите двајца, се секојдневно контактирани од матичните доктори при што во ниеден случај пациентите немаат дадено податок за евентуално влошување на здравствената состојба. По завршување на цел овој обемен инспекциски надзор констатирани се неколку повреди. Прво, констатирана повреда дека од лицата за кои на 16.04. им се издадени решенија за домашно лекување, направен е прекршок непостапување по решение, односно истите го напуштаат местото на престој. Тоа е казниво по член 67 став 1 точка 4 од Законот на заштита на населението за заразни болести, паричната каза е од 300 до 650 евра во денарска противвредност за физичко лице. За пропусти во однос на работењето на службата за Итна медицинска помош поради тоа што извршиле транспорт на Ковид-19 позитивни пациенти, кои треба да бидат во домашна изолација врз основа на издадено решение од ДСЗИ, тоа е сторено без евидентирано барање од страна на матичен лекар или епидемиолог за транспорт до Инфективното одделение во ЈЗУ ГОБ ‘Куманово‚. Двајцата пациенти немаат симптоми на болест ниту се хоспитализирани на Инфективното одделение. Здравствената евиденција во службата на ИМП не се води уредно што е спротивно на член 6 од Законот за евиденција во областа на здравството и е казниво по член 48а, став 1, точка 1 и 2. Висината на казната за правното лице е 2,500 евра во денарска противвредност, а за одговорното лице е 30 проценти од казната изречена за правното лице. За постапувањето на докторите од Инфективното одделение од Општата болница – Куманово веќе е инициран стручен надзор, согласно член 296 од Законот за здравствена заштита и член 6 од Законот за санитарна и здравствена инспекција со цел да се утврди по кој основ се креирани упатите за РТГ и лабораторија ЛУ2 за пациентите кои ја напуштиле домашната изолација“, информираше детално директорката на ДСЗИ, Сотирова-Бухова.