Максим Димитриевски ќе си остане во самоизолација


Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Бухова – Сотирова, одговарајќи на новинарско прашање дали е возможно да се скрати периодот на самоизолација на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој најави дека ќе побара да му биде издадено решение за такво нешто  бидејќи на тестот за Ковид 19 резултатот му е негативен,ја отфрли таквата можност.

Протоколот за лекување на Ковид позитивни лица кои со решение од ДСЗИ се ставени на домашно лекување е јасен и прецизен. Не може да се прекине постапката се до извршување на решението. Значи лицето кое има добиено решение од ДСЗИ за домашно лекување останува на домашно лекување до истекот на 14-тиот ден, односно тогаш ќе почне процесот на тестирање и докажување на негативен или позитивен резултат, истакна  Бухова – Сотирова.

Посочи дека според протоколот, сите пациенти кои се дијагностицирани како Ковид позитивни, а се асимптоматски или со лесна клиничка слика, кај кои инфектологот и епидемиологот одлучиле дека може лекувањето да биде спроведено во домашни услови, добиваат решение од ДСЗИ.

– Решението почнува со датумот од денот кога е утврдена позитивноста и трае 14 дена. Првото тестирање се изведува во домашни услови, односно адресата на која престојува пациентот. Тестирањето го изведува екипа од Центарот за јавно здравје во општината во која е сместен пациентот. Тоа е првото тестирање. Според протоколот, потребно е во следните 24 до 48 часа да се изврши второ тестирање кое ќе биде на ист начин спроведено. Ако двата резултати од лабораторијата на Институтот за јавно здравје се негативни со тоа завршува лекувањето на тоа лице во домашни услови, рече Бухова – Сотирова.

Доколку едниот резултат, односно првиот, кој е земен на 14-тиот ден е се уште позитивен, нагласи таа, решението за домашна самоизолација и лекување продолжува уште седум дена, а истата претходна постапка ќе се повтори на 21-от ден.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, пред една недела на тестирање од Центарот за јавно здравје беше позитивен на Ковид 19, за сега на тестови направени во две приватни лаборатории да биде негативен на коронавирусот. Според него, државата треба да си ги провери тестовите, бидејќи е нејасно како нивните покажуваат едни резултати, а оние на приватните други.

Иако Димитриевски смета дека никогаш не бил заразен, министерот за здравство Венко Филипче,  препоставува дека можеби се излекувал.

-Во конкретниот случај знаеме дека разликата меѓу двата теста била некаде 17-18 дена, со третиот тест уште дополнителни 10, што значи доволен период да еден пациент се негативизира, изјави Филипче.Но, и покрај тоа што последните негативни резултати на Димитриевски се негативни, Филипче порачува дека изолацијата мора да се почитува.

Тој зборуваше и за увидот во Куманово на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во врска со состанокот во тој град на кој присуствуваа и премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот Арбер Адеми и самиот Филипче, без да знаат дека Димитриевски претходно се тестирал. За овие случувања, посочи Филипче, извештајот од увидот е предаден и во МВР и во него се констатирани пропусти.Но, кај кого е констатиран пропуст или одговорност, тој не сакаше да коментира без претходно да се консултира со МВР дали може да се изнесе нешто во јавност без да се загрози предметот.

-Не е време за истраги и хајки, време е за спасување животи. Немам време за дворски игри бидејќи од дома заедно со тимот од штабот ја водиме борбата против епидемијата и зачувување на животите во мојот град. Тоа во моментов е мојот приоритет, изјави Максим Димитриевски, кој најави дека сепак ќе ги почитува препораките на здравствените власти.