Максим Димитриевски ја почна кампањата со „Манифест за Македонија“
Со програма под наслов „Манифест за Македонија“ и со слоганот „Максимум за Македонија“ претседателскиот кандидат Максим Димитриевски кампањата на претседателски избори ја почна од Крушево.
„Мојата програма се базира на пет стратешки начела и пет приорити со кои ќе се зафатам во првите 200 дена. Моите пет начела се: единствени во надворешната политика, глас на разумот и обединувањето, поцврсти во одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата и вклученост и одговорност. Ќе ја зајакнам улогата на претседателот во надворешните односи, ќе поттикнувам и одржувам редовен, конструктивен и аргументиран дијалог со политичките субјекти за да постигнеме разбирање и согласност за клучните цели на државата – во надворешната и внатрешната политика, како врховен командант, ќе работам на зајакнување на капацитетите на македонската армија, ќе ги вложам сите напори за да се валоризира нашето членство во НАТО“, рече Димитриевски пред Македониумот во Крушево.
Меѓу пиоритетите, претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски ги истакна – формирање специјален експертски ЕУ тим, правен тим за спроведување на меѓународното право како и национална стратегија за борба против политичката корупција.
Како што посочи, во интерес на зајакнување на меѓусебната доверба и унапредување на билатералните односи со Бугарија, во првите 200 дена ќе предложи уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во преамбулата, со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила во истиот момент кога Македонија ќе стане полноправна членка на Европската унија.
„Евентуални предлози за уставни измени кои би се однесувале на бришење на формулацијата ‘јазикот кој го говорат 20 проценти’ и менувањето на сегашниот начин на избор на претседател на Републиката, за нас се неприфатливи бидејќи ги подриваат фундаментите на кои почива Охридскиот рамковен договор за кој сметам дека е сто проценти реализиран“, рече Димитриевски.
Тој денеска имаше средби со крушевчани, барајќи ја нивната доверба.