Максим Димитриевски беше тројански коњ на Мицкоски, вели Филипче

На синоќешната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ во Крушево претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изрече остри критики кон градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ (поранешен виден член на СДСМ), Максим Димитриевски, велејќи дека му слугувал на Христијан Мицкоски.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Тој ги нарече ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ колаборационисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се ‘бореле со Бугарите’, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против ‘бугарски диктат’ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Тој се осврна и на можноста македонскиот јазик да биде исфрлен од извештајот на Европскиот парламент.
„Последниот пораз најмногу боли. Очигледно македонскиот јазик ќе биде тргнат од извештајот на ЕУ. Заради теснополитички интереси тој одново Мицкоски ја отвори дебатата за македонскиот јазик во Европскиот парламент, прашање кое беше затворено, а јазикот дефиниран како единствен македонски јазик на македонскиот народ. Мицкоски не може да го впери прстот кон никого за поразот кој Македонија одново го доживува во Брисел. Токму тој и неговиот пријател Андреј Ковачев со кого заеднички работат на блокирање на европската перспектива на македонските граѓани се виновни за оваа состојба“ рече Филипче.