Максим Димитриевски бара ЕУ да ја превоспита Бугарија


 

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, вели дека тој не бил подготвен да го менува јазикот и културата за да биде член на Европската унија. И побара од Брисел да ја превоспита Бугарија и да најде начин како да го менаџира процесот на преговорите на Македонија со ЕУ. И ако тој сега би бил пратеник не би гласал за уставните измени.

„Јас не сум подготвен да си менувам јазик, да си менувам култура, да си менувам нација за да бидам член на Европската унија. Македонија е можеби една од малкуте држави во светот којашто го менуваше својот устав во последните 20-тина години како да е еден лист обична хартија. Мислам дека е недозволиво во овој момент, под вакви услови да поминат уставните измени и доколку би бил член на парламентот сигурно дека не би ги поддржал“, рече Димитриевски синоќа во гостувањето на Сител.

Според него, проблемот не доаѓал од наша страна, туку од Европската унија и нејзината членка Бугарија.

„Нека седне Европската унија да ја превоспита и едноставно да изнајде начин како да се менаџира овој процес. Дали на Македонија ѝ е потребна Европска унија? Да. Јас се чувствувам Европеец. Но, за жал, овој период се врши една анатемизација на сите лица во Македонија коишто ќе излезат, ќе кажат одредени критики кон власта, ќе коментираат јавно по однос на ова прашање и секогаш се покажува на нив дека се русофили и поддржувачи на Русија“, рече Димитриевски.

Иако Коридорот 8 поминува низ Куманово, каде што тој е градоначалник, Максим Димитриевски не спомена дека таа сообраќајна жила почнува од Крива Паланка, па велеше дека тој поврзувал само една траса Скопје-Приштина-Тирана и постави прашање дали оцртувањето на коридорот е отцртување на картата на Илирида? „Тоа е важен коридор, но Македонија има и други важни коридори. Дали направивме некое анкетирање каде ќе потрошиме една милијарда и двесте милиони евра граѓански пари?“, рече Димитриевски.