Макрон во шатл дипломатија – разговараше со Радев, Петков и Ковачевски

Макрон побарал „двете земји брзо да продолжат со дијалогот за спорот меѓу нив“. Радев му ги повторувал познатите работи и ја обвинувал Македонија дека е главен виновник


Ќе успее ли неговата мисија: Емануел Макрон

 

Навистина нема време за губење за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија. Всушност, за нелогичноста на бугарската блокада на европските перспективи на Македонија, која ризикува да го урне кредибилитетот на Европската унија во целиот регион.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска презеде телефонска шатл дипломатија со Софија и Скопје во обид да најде начин не само за почнување на одамна ветените од ЕУ преговори со Македонија, туку и како последен или претпоследен обид да го спаси целиот кредибилитет на Унијата во регионот. Особено во драматичните времиња и безбедносните предизвици што ги носи руската инвазија на Украина. Макрон попладнево последователно разговараше со бугарскиот претседател румен радев, премиерот Кирил Петков, и македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Елисејската палата издаде кусо соопштение за овие разговори во кое се вели:

„Целта на трите разговори, додека Франција претседава со Советот на Европската унија, беше да се поттикнат овие две земји брзо да продолжат со дијалогот за спорот меѓу нив.

Претседателот на Републиката потсети на неговата приврзаност кон европската перспектива на Западен Балкан, особено во контекст на дестабилизација низ која поминува европскиот континент“.

Нема многу детали што треба да содржи тоа „поттикнување за брзо продолжување на дијалогот“. Во соопштението од македонската влада се вели дека Ковачевски и Макрон се согласиле дека „нема време за губење“ и дека „натамошното одложување може да има сериозни регионални последици и широко ја отвора вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот што прашањето за проширување на ЕУ со Западен Балкан го прави сериозно безбедносно прашање“.

Од прес-службата на претседателот Радев дадоа соопштение за разговорот во кое главно се нагласуваат старите позиции на шефот на бугарската држава. И дека Бугарија чека резултати од Македонија околу европските вредности за да може да го крене ветото.

„Во интерес на стабилноста на Обединета Европа, секоја земја-кандидат за членство во ЕУ мора да ги почитува европските вредности поврзани со правата на нејзините граѓани, а Бугарија очекува дефинитивни резултати од Република Северна Македонија во овој поглед пред да се согласи да започнат преговорите, истакна шефот на бугарската држава во разговорот“, се вели во соопштението на прес-службата на Радев. Исто така, забележува дека „нема резултати“ во договорите за патоказот Софија-Скопје со „краткорочни и долгорочни“ цели за спроведување на Договорот за добрососедство (идеи кои беа поставени за време на неговите преодни влади). Радев му рекол на Макрон дека Македонија е единствен виновник што не се спроведувал Договорот за добрососедство меѓу двете земји пет години по потпишувањето. „Претседателот го истакна и очекувањето на нашата земја за правно обврзувачки гаранции, кои ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Република Северна Македонија и да се обезбеди спроведување на обврските преземени од страна на РСМ“, стои во соопштението од прес-службата на Радев.

Радев денеска за блокадата на Македонија разговарал и со помошник државниот секретар на САД, Карен Донфрид, која е во дводневна посета на Софија и, како што беше најавено, целта на нејзините средби била главно безбедносната и енергетската ситуација по војната во Украина. Очигледно дека прашањето на европската перспектива на Македонија било едно од важните прапшања, затоа што во соопштението на прес-службата на Радев му се посветува голем дел на овој проблем.

Тој ѝ ги кажал сличните работи на Донфрид како и на Макрон. „Бугарија е најзаинтересирана за забрзување на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, но очекуваме јасни и недвосмислено правно обврзувачки механизми и реални чекори за искоренување на говорот на омраза и системските примери на дискриминација на граѓаните со бугарски идентитет“, кажал Радев. Тој го повторил барањето за вклучувањето на македонските Бугари во Уставот на Македонија и исполнувањето на Копенхашките критериуми како работи од клучно значење. „Во бугарското општество е формиран широк консензус на оваа тема, потврден од парламентот, а секое повлекување ја загрозува стабилноста на самата земја-членка на ЕУ“, рекол Радев.

Од кабинетот на премиерот Петков нема никаква информација што разговарал тој со Макрон, а за средбата со Донфрид има само кусо соопштение во кое се вели дека разговарале за соработката меѓу САД и Бугарија за единствен одговор на НАТО на руската инвазија на Украина, заедничките енергетски проекти и за мерките за справување со корупцијата.

Бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, денеска го прекори македонскиот шеф на дипломатијата дека „премногу зборувал“ и рече дека позицијата на Софија нема да се променела на следниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ.

„Министерот за надворешни работи на РС Македонија, Бујар Османи, често се појавува во медиумите и постојано зборува. Ова не е тениски или фудбалски натпревар за да зборуваме кај кој тим е топката или на чие поле. Нашиот став е исклучително јасен, имаме национален консензус за оваа тема. Не знам на кој појасен начин да му објаснам на господинот Османи“, рече Генчовска.

Утре на разговори за решавање на проблемот во Софија доаѓа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Во понеделникот шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, изјави дека „длабоко навлеговме во прашањето за односите со Бугарија, кое го блокира процесот,  за време на дебатата помеѓу земјите членки на ЕУ, и ова е нешто што мора да биде надминато, има политичка волја во Советот за да се избегне криза што би се случила ако не се реши до крајот на француското претседателство. Ако не се случи ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан“.