Макрон смета дека Европа не смее да ги следи САД и Кина во однос на Тајван


 Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека не е во интерес на Европа да ескалира кризата околу Тајван и оти треба да продолжи со стратегија која е независна и од Вашингтон и од Пекинг.

Макрон викендов се врати од тридневната државна посета на Кина, каде што беше срдечно пречекан од кинескиот претседател Си Џинпинг.

Кина во саботата почна воени вежби во близина на Тајван, како остра реакција на средбата на тајванскиот претседател Цаи Инг-вен со претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти во средата.

Макрон, во заедничко интервју за „Лес Екос“ и „Политико“ за време на посетата на Кина, рече дека Европа не треба да го заострува конфликтот околу Тајван, туку да се обиде да изгради сопствена позиција како трет пат меѓу Кина и САД.

– Најлошото нешто би било да се мисли дека ние Европејците треба да бидеме следбеници во ова прашање и да се приспособиме на американскиот ритам или кинеското претерување, изјави францускиот претседател.

Европа мора повеќе да ја финансира својата одбранбена индустрија, да развие нуклеарна и обновлива енергија и да ја намали зависноста од американскиот долар за да ја ограничи зависноста од САД, рече тој.