Макрон потрошил речиси 475.000 евра на вечера со кралот Чарлс и кралицата Камила


Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон потроши речиси 475.000 евра на раскошна вечера за кралот Чарлс Трети и кралицата Камила минатата година, правејќи „голема дупка“ во годишниот буџет, соопшти највисокиот француски ревизорски суд.

Минатиот септември, Макрон приреди раскошна вечера во Версајската палата за британскиот крал и неговата сопруга, а менито вклучуваше син јастог, многу скапа и висококвалитетна француска живина Bresse, голем избор на француски и англиски сирења, пишува Ројтерс.

Таа вечера чинела вкупно 474.851 евра, вклучувајќи ги и трошоците од 166.193 евра за угостители и 42.515 евра за пијалоци. На вечерата, на која присуствуваа актерот Хју Грант, музичарот Мик Џегер и фудбалскиот тренер Арсен Венгер и други достоинственици, кралот Чарлс Трети му кажа на Макрон дека неговата великодушност на духот потсетува на почитта што во Франција и се оддава на покојната кралица Елизабета.

Во својата здравица, францускиот претседател рече дека знае дека и покрај Брегзит и старите врски, тие ќе продолжат заедно да пишуваат дел од историјата на стариот континент.

Во меѓувреме, во обид да го убеди Њу Делхи да купи повеќе француски подморници и борбени авиони, Макрон организираше и гала вечера во чест на премиерот Нарендра Моди во Лувр во јули 2023 година, која чинеше 412.000 евра, рече ревизорот.

Ревизорот се осврна и на зголемувањето на трошоците за претседателските патувања во странство, вклучително и зголемената употреба на Ербас А330 за меѓународни летови по цена од повеќе од 23.000 евра на час.

Како резултат на поголемите трошења за државни приеми и службени патувања, трошоците на претседателството лани се зголемени за 6,5 отсто на 117,2 милиони евра, оставајќи буџетски дефицит од 8,3 милиони евра, објави заводот за ревизија.