Макрон: Постигнавме најдобар можен компромис за Брегзит


Францускиот претседател Емануел Макрон го поздрави договорот за пролонгирање на Брегзит до 31 октомври и оцени дека е постигнат најдобриот можен компромис.

Рокот утврден на 31 октомври не заштитува бидејќи во прашање е клучен датум, пред воспоставување на новата Европска комисија, истакна Макрон по вчерашниот вонреден самит на ЕУ, на кој се одлучи за ново одложување за излегувањето на Велика Британија од Унијата.

Тој додаде дека треба „да се почитуваат британските гласови“ кои се за излегување од Унијата, но не треба „да го попречуваме функционирањето на ЕУ“.

Таквиот став го поддржале Белгија, Луксембург, Шпанија и Малта.

Лидерите на ЕУ на синоќешниот вонреден Самит во Брисел постигнаа договор за одлагање на британското истапување од Унијата до 31 октомври, со дополнително разгледување на ваквата одлука на средбата на врвот во јуни, објави на Твитер претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Тој информира дека и британската премиерка Тереза Меј се согласила со одлуката за одлагање на Брегзит за шест месеци.

– Земјите членки на ЕУ се согласија на флексибилно одлагање до 31 октомври. Тоа значи дека Обединетото Кралство добива дополнителни шест месеци за да најде најдобро возможно решение (за Брегзит), додаде Туск во објавата, потенцирајќи дека до пролонгираниот рок Лондон ќе може да осмисли своја стратегија за напуштање на Унијата.