Макрон побара од папата Франциско да контактира со Путин и Бајден за мировниот процес во Украина


Францускиот претседател Емануел Макрон побара од поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, да контактира со рускиот претседател Владимир Путин, патријархот на Руската православна црква Кирил и американскиот претседател Џо Бајден со цел да го поттикне мировниот процес во Украина.
 
„Го охрабрив папата Франциско да ги покани Владимир Путин и московскиот патријарх Кирил, но и Џо Бајден“, изјави Макрон за францускиот весник „Ле Поинт“ по средбата со Папата во Ватикан.
 
Макрон рече дека е потребно и САД да седнат на маса за да го промовираат мировниот процес во Украина.
 
Тој додаде дека Бајден има однос на доверба со Франциско и дека Папата може да влијае врз него за САД да бидат повеќе вклучени во изнаоѓање мирно решение во Украина.
 
Во понеделникот францускиот претседател се сретна со Папата во Ватикан и тоа беше нивна трета средба од доаѓањето на Макрон на чело на државата во мај 2017 година.