Макрон објави дека има решение за Македонија

Французите сакаат веќе утре да се одржи првата меѓувладина конференција со Македонија со која ќе почнат официјално преговорите


Илустрација
 
Ројтерс само што објави вонредна вест дека францускиот претседател Емануел Макрон изјавил дека е најдено компромисно решение за спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Според него, решението го отвора патот кон ЕУ. Некоја минута претходно МИА објави дека Франција се обидува да договори меѓувладина конференција со Македонија, со која ќе почнат преговорите, веќе утре.
 
„Ќе видиме што ќе направат Французите, тие сакаат утре да се одржи првата меѓувладина конференција и сѐ уште се обидуваат“, објаснува дипломатот запознаен со активностите на француското претседателство.
 

„За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти, затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите“, изјави Макрон од самитот на НАТО во Мадрид.

Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.

„Премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото“, потенцира Макрон. 

Од Владата на Македонија исто така експресно известија дека до нив од француското претседателство пристигнал предлог со идеи кои се однесуваат на нашите jaвно изнесени позиции и ставови.

„Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани. Сакаме да упатиме благодарност до претседателот Макрон и француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот“, стои во пораката од Владата.

Веднаш се јави и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Го поздравувам решението на француското претседателство со ЕУ за договор што ќе го отвори патот за старт на пристапните преговори со Северна Македонија“, објави попладнево на Твитер Мишел.

„Решението се однесува на изразените загрижености. Најблиску сме од кога и да сме биле досега: Сега е време да се каже да“, додава Мишел во твитот.

Бугарските медиуми, за разлика од македонските, сосема ја игнорираа изјавата на Макрон за решението околу Македонија. Освен БГНЕС практично еден час и половина по нејзиното објавување, не ја пренесоа другите главни медиуми во земјата, вклучувајќи го и националното радио. (Н.В.)