Макрон: На Џонсон е да ја избере судбината на Британија


Францускиот претседател Емануел Макрон му порача денеска на британскиот премиер Борис Џонсон дека на него останува да ја избере судбината на Британија, а ЕУ ќе биде подготвена на сценарио за Брегзит без договор, иако тоа не е она што го сака Унијата.

Во врска со одредбата (бекстоп) според која нема да има „тврда граница“ меѓу Република Ирска и Северна Ирска, Макрон истакна дека тоа не е само технички механизам, туку гарант на стабилност во Ирска и провинцијата Северна Ирска.

Џонсон нагласи дека сака договор за Брегзит и верува оти е можно да се постигне до 31 октомври. Тој изјави дека е „силно охрабрен“ од тоа што вчера го слушнал од германската канцеларка Ангела Меркел за време на разговорите во Берлин.

Франција верува дека во овој момент најверојатното сценарио е излез на Велика Британија од ЕУ без договор, откако Џонсон побарал повторно да се преговара и откажување од „бекстоп“, односно од решение за ирската граница.

Пред состанокот Макрон нагласил дека барањето на Џонсон за нови преговори за договор за излез од ЕУ не е остварливо, предупредувајќи ја Британија оти ризикува доколку ја напушти ЕУ да им биде подредена на САД.

Францускиот претседател изјави дека не гледа причина за одложување на Брегзит, освен ако во Британија не се случи значајна политичка промена како што се избори или нов референдум.