Макрон: Македонското собрание направи одлучувачки избор


 

Во редицата европски и американски политичари кои го поздравија днешното гласање во македонското Собрание вечерва се вклучи и францускиот претседател Емануел Макрон. Тој изјави дека Франција ќе застане зад Македонија на првата меѓувладина конференција.

„Со суверено гласање денес за предлогот што го даде Франција пред крајот од нејзиното претседавање со Советот на Европската унија, македонското собрание повторно направи одлучувачки избор за Европа. Франција ќе застане покрај Северна Македонија за време на првата меѓувладина конференција која ќе отвори историска етапа во нејзиниот процес на пристапување кон Унијата“, напиша Макрон на Твитер.

Поранешниот германски министер за Европа, а сега претседател на комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Михаел Рот, на Твитер напиша дека е горд на македонците.

„Многу сум горд на Македонците!!! Бугарија повторно и повторно ја уценуваше Северна Македонија, ЕУ не ги одржа своите ветувања. Сега е можен пробив! Конечно, преговорите за пристапување во ЕУ треба да започнат без никакви дополнителни одложувања. Храброто лидерство е клучно од двете страни“, рече Рот.