Макрон ја зголеми предноста во анкетите на помалку од два месеци пред претседателските избори во Франција


Франција– Поддршката за францускиот претседател Емануел Макрон е на највисоко ниво на помалку од два месеци пред првиот круг од претседателските избори благодарение на неговата улога во украинската криза, покажа анкетата објавена синоќа. Поддршката на Макрон порасна за два отсто според анкетата на ИФОП, спроведена по барање на Париз Меч.

Тој сега ужива 28 проценти од поддршката, најмногу откако се спроведуваат анкетите, а зголемувањето на поддршката дојде на помалку од два месеци пред првиот круг од претседателските избори на 10 април, пренесува Хина.

Втора е десничарката Марин Ле Пен, која загуби 0,5 процентни поени поддршка и сега е на 16 отсто, додека третопласираниот Ерик Земур падна на 14 отсто поддршка. Поддршката за конзервативната Валери Пекресе падна за еден процент, на 13 отсто.

Макрон, кој се уште не ја објавил својата претседателска кандидатура, но се очекува да го стори тоа, важи за фаворит на изборите закажани за 24 април.

Според анкетата спроведена меѓу 1.500 испитаници, Макрон би освоил 56,5 отсто од гласовите, а Ле Пен 43,5 отсто.

Друга анкета за време на викендот покажа дека гласачите ја поддржуваат улогата на Макрон во украинската криза. Францускиот претседател се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во февруари, а во изминатите недели часови мина во телефонски разговор со него и други светски лидери.