Макрон ја крева рампата за Македонија и Албанија за пристапни преговори со ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ќе им овозможи на Северна Македонија и на Албанија да ги почнат разговорите за пристапување во Европската унија доколку следниот месец извештаите на Европската комисија за двете земји бидат позитивни, јави Ројтерс.

Макрон ова го изјави на 56. Минхенска безбедносна конференција, со што навестува дека ќе го одмрзне напредокот на двете балкански земји кон членството во ЕУ и ќе ги увери другите европски лидери дека Франција сè уште го поддржува проширувањето на ЕУ.

„Го чекаме извештајот (на Европската комисија) во март… во зависност од тоа, ако резултатите се позитивни и ако се воспостави доверба, тогаш треба да бидеме во позиција да ги започнеме преговорите“, рече Макрон на конференцијата.

Макрон одби да го одобри почетокот на пристапните преговори на самитот на ЕУ во октомври, велејќи дека процесот за прием на нови членки треба да се промени.

Германија и Европската комисија сметаа дека не е во ред да се блокира процесот и беа загрижени дека ваквата одлука на Макрон може да отвори врата за поголемо кинеско и руско влијание во шесте држави кои се стремат да влезат во ЕУ – Србија, Косово, Црна Гора, Албанија, Босна и Северна Македонија.

Неодамна Европската комисијата предложи нова методологија, односно реформи во процесот на пристапување, во согласност со францускиот предлог од ноември.

Ваквиот пресврт во ставот на францускиот претседател може да биде основа за согласноста на 27 влади на ЕУ пред самитот ЕУ-Балкан во Загреб во мај. Данска и Холандија, кои ја поддржаа позицијата на Макрон минатата година, се очекува да го намалат својот отпор, изјавија дипломатите од ЕУ за Ројтерс.