Макрон ја чека Македонија во ЕУ, клучниот чекор се уставните измени


 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Братислава се сретна со претседателот на Франција, Емануел Макрон, на која, како што информираат од владината прес-служба, било разговарано за процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Северна Македонија во Унијата.

Макрон ја поздравил одлучноста на Владата да работи на реализирање на европската агенда и потенцира дека на тој пат ќе продолжи да има силна и гласна поддршка на Франција. Ковачевски и Макрон, информираат од владината прес-служба, се согласија дека сега е момент да се направи јасен исчекор во пристапниот пат и да се овозможи успешно интегрирање на Северна Македонија во ЕУ.

На средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Ковачевски му се заблагодарил на францускиот претседател за неговиот личен ангажман во процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Македонија во Унијата.
  
Соговорниците, исто така, изразиле согласност дека не смее да има одложување на процесот на евроинтеграции, и затоа, и овој пат нема да отсуствува поддршката од Франција и меѓународната заедница во натамошните етапи и предизвици на патот кон членство во ЕУ.

Ковачевски учествуваше на Глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2023“ во Братислава. Тој денеска имаше билатерална средба и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.