Макрон ја ангажира армијата во борба против коронавирусот


Францускиот претседател Емануел Макрон го најави почетокот на воената „Операција отпорност“ (Résilience) поврзана со корона вирусот.

Како што се приближува врвот на новата епидемија на корона вирусот во Франција, вооружените сили ќе се мобилизираат за да им помогнат на населението и службите да се справат со епидемијата. Операцијата не е поврзана со антитерористичката операција Сентинел, јавија француски медиуми.

– Според новата воена операција, бродовите што носат хеликоптери ќе бидат распоредени за да им помогнат на француските прекуокеански територии, изјави францускиот претседател.

– Единството и храброста ќе ни овозможат да победиме. Ние сме само на почетокот, но ќе издржиме, истакна тој, повторувајќи неколку пати дека државата е „во војна“.

Францускиот шеф на државата ја даде изјавата синоќа, откако посети воена болница поставена оваа недела во областа Мјулуз за да го намали товарот на болниците во регионот, преплавен од пациенти со Ковид-19.

Макрон исто така вети дека ќе создаде „голем план за инвестиции“ за болниците по завршувањето на кризата со корон вирусот.

Најмалку пет француски лекари се жртви на новиот корона вирус.
Емануел Макрон додаде дека ќе организира состанок на синдикатите и работодавачите „за да се организира работата и да се обезбеди подобра здравствена заштита“ за вработените на работа.