Макрон го загуби мнозинството во парламентот


Емануел Макрон (Фото: АФП)

Партијата на францускиот претседател загуби 26 пратеници од времето кога беа изборите

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот тесно го загуби апсолутното мнозинство во долниот дом на парламентот, со пребегнување на седум пратеници од неговата партија ЛРЕМ.

Новата група наречена „Екологија, демократија, солидарност“ планира да се залага за „социјална и еколошка правда“ и ќе биде деветта во долниот дом на парламентот во Франција. Тој ќе биде „ниту со мнозинството, ниту со опозицијата“ во парламентот, туку ќе гласа во зависност од прашањата според политичката изјава на групата.

Пребегнаа помал број пратеници на ЛРЕМ отколку што првично се шпекулираше. Новата група има вкупно 17 члена, главно незадоволни левичарски пратеници на ЛРЕМ, меѓу кои и Седрик Вилани, кој се кандидираше за градоначалник на Париз наспроти кандидатот на ЛРЕМ, Агнес Бузин, како и пратеникот Матие Орфелин, кој е близок со поранешниот министер за животна средина, Никола Хулот.

„Јас сум левичар. За да останам таков, морам да го напуштам ЛЕРМ“, изјави пратеникот Орелиен Таше за францускиот весник „Журнал ду диманш“. Тој се приклучи на редовите на Макрон рано во неговата кандидатура за претседател и се вели дека имал блиски односи со претседателот.

Уште од протестното движење „Жолти елеци“ растеше незадоволството кај некои членови на левото крило на ЛРЕМ, кои велат дека партијата на претседателот, со цел да раскрсти со традиционалната поделба левица-десница заврши повеќе  десноцентристички отколку лево.

Владата го оспорува тоа обвинение.

„Економската цел на мандатот беше многу јасна уште од самиот почеток. Фискална дисциплина, деблокирање на економијата, правење на пазарот флексибилен. Ние ја спроведовме програмата за 2017 година без да се оддалечиме од нашиот центар на гравитација”, изјави портпаролот на владата Сибет Ндијаи за весникот „Паризиен“.

На една група ѝ се потребни 289 места за да има апсолутно мнозинство во долниот дом на парламентот. ЛРЕМ сега има 288 члена – намалување од 314 на почетокот на мандатот на Макрон – но владата задржува конфорно мнозинство, благодарение на поддршката на 46 пратеници од сојузничката група МоДем предводена од градоначалникот на По, Франсоа Бајру. (Политико)