Макрон го пречека Пендаровски во Париз


Македонскиот претседател Стево Пендаровски вечерва присуствува на вечерата пред Парискиот мировен форум. Тој беше пречекан од францускиот претседател Емануел Макрон.

„Вечерва имав чест да присуствувам на вечерата во пресрет на Парискиот мировен форум, на покана на францускиот претседател Емануел Макрон, заедно со шефовите на држави и учесници на Форумот, на кој ќе дискутираме за потребата од заеднички решенија за справување со глобалните предизвици“, објави Пендаровски на „Фејсбук“.

Како што претходно беше најавено, Пендаровски утре, 12 ноември, треба да има средба со Макрон, на која се очекува да разговараат за ЕУ перспективата на Македонија.

Македонскиот претседател во Франција ќе престојува до среда, 13 ноември,  а утре ќе се обрати на Парискиот мировен форум.

На настанот ќе присуствуваат над 30 шефови на држави и влади.