Макрон го молел Путин пред инвазијата: „Зборувај со Џо!“ Овој му одговара: „Подобро ќе играм хокеј“

Француската телевизија в четврток ќе емитува документарна емисија со детали од телефонските разговори на Макрон и Путин неколку дена пред инвазијата на Украина. Еве дел од нив, ума надреални работи


 

Само четири дена пред инвазијата на Украина, нерасположениот Владимир Путин му рекол на францускиот претседател Емануел Макрон дека повеќе би сакал да „игра хокеј на мраз“ отколку да одржи состанок со Џо Бајден за да разговара за ситуацијата во Украина и можеби да спречи војна, пишува британски „Телеграф“.

Тие зборови на рускиот претседател може да се слушнат на крајот од напнатиот и често надреален деветминутен разговор со Макрон, кој ќе биде прикажан в четврток во документарен филм на главниот државен телевизиски канал Франс 2.

Според емисијата „C A Vous“ што ја емитува телевизискиот канал Франс 5, која ги прикажа првите исечоци од разговорот, документарецот ќе го емитува и разговорот меѓу Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон, кој се случил само два дена пред инвазијата.

Во него, Џонсон ја изразува својата резервираност за обидите на Макрон за дијалог со рускиот автократ, велејќи: „Секогаш кога разговараме со Владимир Путин, добивам впечаток дека е поагресивен, додека ние звучиме послабо. Тој нема да запре додека не го добие она што тој сака“.

Соочен со обвинувања дека е премногу пресретлив кон Путин, со кого разговарал десетици пати пред и по инвазијата, Макрон очигледно решил дека најдобриот начин да покаже став од негова гледна точка е да ја покани филмската екипа во неговото прибежиште. Овој документарец на гледачите ќе им овозможи невидени разговори меѓу светските лидери за војната во Украина, а тоа ќе биде првпат на новинарите да им биде дозволен пристап до „Јупитер“, нуклеарниот бункер и кризниот команден центар лоциран под Елисејската палата.

Неформален разговор меѓу Путин и Макрон

„Владимир, за почеток, една работа…“, се слуша Макрон на почетокот на разговорот на 20 февруари. Но, Путин не сака да го слуша.

„Слушај, Емануел…“ го прекина рускиот лидер.

И двајцата државници користеа неформална форма на комуникација, како и на претходните средби.

„Би сакал прво да ми го кажеш твоето мислење за ситуацијата и можеби сосема искрено, како што отсекогаш сме навикнале, да ми кажеш кои се твоите намери“, се обидува Макрон да создаде атмосфера на доверба.

„Што да кажам? И сам гледаш што се случува“, одговора Путин, обвинувајќи ја Украина за прекршување на договорот од Минск.

Путин потоа го осуди прозападниот украински претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи го Киев за набавка на нуклеарно оружје.

„Тоа се глупости“, се слуша гласот од влијателниот дипломатски советник на Макрон, Емануел Боне.

„Згора на тоа, нашиот драг колега господинот Зеленски не прави ништо за спроведување на договорот од Минск. Тој ве лаже“, вели Путин, додавајќи дека треба да се земат предвид предлозите на проруските сепаратисти во источна Украина.

„Но, нас не нѐинтересираат предлозите на сепаратистите. Не знам дали твојот правен советник го знае правото! Што се однесува до мене, јас само ги гледам законите и се обидувам да ги спроведам. Не знам кој правен советник би можел да ти каже дека во суверена земја правните текстови предлагаат сепаратисти, а не демократски избрани власти“, му одговара Макрон.

„Тоа не е демократски избрана влада. Тие дојдоа на власт преку крвав пуч. Луѓето беа запалени живи. Тоа беше крвопролевање. А Зеленски е еден од виновниците за тоа“, одговара Путин.

„Подобро ќе одам на хокеј“

И покрај тензиите, Макрон продолжува да се обидува да ја игра улогата на посредник, велејќи дека ќе го охрабри Зеленски да ги „смири тензиите“ не само меѓу украинските вооружени сили, туку и на социјалните мрежи.

„Не потпаѓајте на провокации од кој било вид во часовите и деновите што следат“, предупреди Макрон.

Повикот завршува со тоа што Макрон му предлага на Путин веднаш да разговара со Џо Бајден, американскиот претседател.

Путин лежерно рече дека прво треба да се подготви за средбата. Потоа, како да се сети на нешто, му одговори на Макрон.

„Да бидам целосно искрен, сега ќе играм хокеј на мраз. Зборувам со тебе од спортска сала. Треба да се консултирам со моите советници“.

„Како и да е, ти благодарам Владимир. Остануваме во контакт. Ако се случи нешто, јави ми се“, рече Макрон.

„Ви благодарам, господине претседателе“, рече Путин, ненадејно зборувајќи на француски.

Макрон повторно разговараше со Путин еден ден подоцна, на 21 февруари. Но, на 24 февруари Русија веќе ја започна инвазијата.

Таа вечер, филмската екипа повторно доби пристап до првиот разговор на Макрон со Зеленски, откако првите руски проектили паднаа врз Киев.

„Тие се во Киев. Руските сили војуваат во Киев“, вели украинскиот претседател.

„Донесоа специјалци и хеликоптери или…?“, загрижено прашува Макрон.

„Да, авиони и хеликоптери, сè… Тоа го гледаме преку медиумите, ги гледаме насекаде, ги има многу“, одговара Зеленски.

„Дали знаете колку цивили веќе се убиени?“, прашува Макрон.

„Не знам, илјадници…“, одговара Зеленски.

„А што е со тебе, дали си безбеден?“, праша Макрон.

„Мислам дека е така“, му одговори Зеленски на Макрон.

Комуникацијата меѓу Макрон и Путин набрзо се разреди, а францускиот претседател се најде под бран критики бидејќи дури минатата недела отпатува во Киев за да се сретне со Зеленски.

„Не успеавме да го убедиме Путин. Мислев дека преку доверба и интелектуална дискусија можеме да најдеме заедничко решение“, изјави Макрон неодамна во Киев.

На прашањето дали мисли дека Путин е опасен човек, францускиот претседател енигматично одговори: „Никогаш нема да ви го кажам моето мислење“.