Макрон: Европа мора да биде појасна за иднината на Западен Балкан

Членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ треба да биде во разумен рок, рече Емануел Макрон во говорот во Европскиот парламент


Ќе успее ли неговата мисија: Емануел Макрон

 

Францускиот претседател Емануел Макрон во својот говор пред Европскиот парламент во Стразбур каде ги претстави приоритетите на француското претседателство со ЕУ, уште еднаш нагласи дека, Западен Балкан „според својата географија и историја, како и преку ветувањето за иднината што го носи, е во срцето на европскиот континент, носи лузни кои не потсетуваат и на несигурноста на мирот и на силата на нашата унија“.

„Затоа денеска и ние имаме вокација да знаеме како да ги преиспитаме нашите односи со земјите од Западен Балкан и да им дадеме на појасен и почитлив начин искрени изгледи за членство“, рече Макрон.

Тоа според францускиот претседател, не треба да биде „членство против, за да се одбијат странските обиди за дестабилизација на сегашно време, туку членство за пристапување на проектот (на ЕУ) во разумен рок“.

Макрон во говорот потсети на новата процедура за пристапување во ЕУ.

„Ние ја модернизиравме процедурата за преговарање овие последни месеци, исто така, многу конкретно  знаеме дека сегашна Европа со нејзините оперативни правила тешко може да стане Европа на 31, 32 или 33. Затоа нема да се лажеме самите себеси“, рече Макрон. 

„Во контекст на конференцијата за иднината на Европа и резултатите следниот мај, ние треба да ги преиспитаме нашите правила за одлучување, за да ги направиме појасни, почитливи, за да можеме  побрзо и посилно да одлучуваат, но и политички да бидеме искрени за рамката на таа  Европа во која Западен Балкан го има местото“, нагласи францускиот претседател.

Тој понатаму објасни дека „мораме повторно да ги измислиме и правилата за работа и географијата на нашата Европа.“

„Еве зошто конференцијата за иднината на Европа треба да биде проследена со конференција за Западен Балкан организирана веднаш по неа, по која ќе бидеме во  можност да се осврнеме на оваа клучна тема“, рече тој. (МИА)