Макрон: Еколошката криза e многу силна порака од европските избори

Барањето за решавање „вонредни климатски ситуации“ претставува „многу силна порака во Франција и низ цела Европа“ упатена од изборите во Европскиот парламент, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон по пристигнувањето во Брисел на вонредниот и неформален самит на лидерите на Европската унија.

– Многумина сметаат дека Европа е уморна, помалку демократска, но нашите народи едноставно рекоа дека ја сакаат Европа, рече Макрон, коментирајќи ги европските избори.

Францускиот претседател по работниот ручек во Брисел со премиерите на Белгија, Шарл Мишел, на Шпанија, Педро Санчез, на Португалија, Антонио Коста и на Холандија, Марк Руте, треба да се состане со премиерите на Вишеградската група која ја сочинуваат Словачка, Чешка, Полска и Унгарија.

По тој состанок, Макрон ќе има средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и со германската канцеларка Ангела Меркел.

Лидерите на ЕУ вечерва ќе расправаат за кандидатите за клучни места во ЕУ, по изборите за Европскиот парламент.

Макрон рече дека на вечерата не сака да се дебатира за имиња, туку за проекти, приоритети и критериуми за именување на клучните луѓе во ЕУ.